Игор Трајковски: ChatGPT е само почеток, доаѓа свет во кој човекот нема да има додадена вредност

Игор Трајковски во интервјуто за Трн.мк зборува за развојот на Time.mk, иднината на медиумите, опасностите од вештачката интелигенција, алгоритмите, манипулацијата и светот во кој човечкиот труд можеби повеќе нема да има вредност.

Во време кога алгоритмите сè повеќе одлучуваат што ќе читаме, гледаме и мислиме дека е важно, платформите што ги посредуваат информациите стануваат тивка инфраструктура на јавниот простор. Токму затоа Тајм.мк одамна не е само агрегатор на вести, туку еден од клучните филтри низ кои македонската публика ја доживува медиумската реалност.

Со Игор Трајковски разговаравме за тоа како од експеримент направен од љубопитност се создаде платформа што секојдневно ја користат стотици илјади луѓе, како изгледа балансот помеѓу алгоритам и уредничка одговорност, но и за иднината на вештачката интелигенција, медиумите и општеството.

Во разговорот Игор зборува и за тоа зошто смета дека влегуваме во период во кој човечкиот труд драматично ќе ја изгуби својата вредност, дали капитализмот може да ја преживее ерата на автоматизацијата и зошто идентитетската криза што доаѓа може да биде многу подлабока од сè што досега сме познавале.

Трн: Почна на ПМФ, докторираше, работеше во „Гугл“, предаваше на ФИНКИ, а паралелно со тоа ја градеше и медиумската платформа „Тајм.мк“. Во кој момент сфати дека „Тајм.мк“ не е само страничен проект, туку нешто што станува твojа главна преокупација?

Игор: „Тајм.мк“ започна некаде во јули 2008 година. На почетокот имаше неколку корисници, претежно новинари. Имав контакти со луѓе од медиумите и сакав да проверам дали воопшто ќе функционира принципот на кластерирање вести и пресметка на нивната важност за македонскиот јазик.

Во тоа време постоеше „Google News“, но Македонија не беше покриена, а и денес не е. Бидејќи живеев надвор од државата, сакав полесно да бидам информиран што се случува дома. Проектот го направив од чист куриозитет, без идеја дека ќе стане бизнис. На почеток немав ниту домен. Им го пратив на неколку луѓе и тие беа изненадени, цел ден рачно оделе од сајт до сајт за да следат вести, а тука тоа веќе беше автоматизирано. Потоа и самите новинари почнаа да пишуваат за „Тајм.мк“. Немавме потрошено ниту денар за реклама, а платформата растеше органски, од човек до човек, преку Фејсбук, Твитер и препораки.

Кога бројот на корисници почна експоненцијално да расте, од десетици до стотици илјади, веќе во 2016 година, кога дадов отказ од ФИНКИ, сфатив дека тоа веќе не е страничен проект, туку вистинска платформа со влијание. Особено кога луѓето постојано почнаа да прашуваат зошто нешто е поставено вака или онака, кога сфатив дека системот функционира автономно и има огромна публика. Тогаш почувствував дека треба целата енергија да ја насочам таму.

Чувството дека секое утро стотици илјади луѓе доаѓаат да видат нешто што ти си го создал, не вестите, туку машинеријата зад нив, е огромна мотивација постојано да развиваш нови услуги и системи.

Трн: Академската работа и претприемачкото размислување често се во тензија. Едното бара трпение и сомнеж, другото брзина и одлучност. Кој од тие два начина на размислување доминира кај тебе кога носиш одлуки?

Игор: Зависи за каков тип одлука станува збор. Голем дел од „Тајм.мк“ е наука. Порано тоа беше многу потешка наука отколку денес, затоа што немавме алатки како денешните јазични модели. Кога се развиваат нови алгоритми, нови пристапи или нови начини на функционирање на системот, тогаш пристапот е академски, со тестирања, анализи и проверка на специјални случаи и однесувањето на системот. Тоа бара трпение и време.

Но кога треба брзо да се донесе одлука што да се воведе како нова функционалност, тогаш мора да размислуваш претприемачки и пазарно, дали тоа навистина ќе им биде корисно на читателите. Понекогаш пушташ пробна верзија за да видиш како ќе реагира публиката, па потоа одлучуваш дали вреди понатамошен развој.

Трн: Кога почна во 2008 година, светот беше многу поразличен, пред GPT, пред јазичните модели и масовната употреба на вештачка интелигенција. Дали имаш чувство дека светот ве „стигна“?

Игор: Не мислам дека нè „стигнал“ во целост. Денес навистина е многу полесно некој да направи приближна копија на „Тајм.мк“, барем за одредени аспекти. Но главниот дел од системот и понатаму е многу тешко репродуцибилен, а тоа е рангирањето. Како да се одреди која тема ќе биде на кое место и зошто. Голем дел од одлуките што ги носи алгоритмот се базираат на огромен број статистики што ги следиме со години, кој медиум колку пати бил цитиран, кој кого копирал, како се однесувал низ време, дали покривал важни теми или ги игнорирал. Дури и некој да ги знае сите тие сигнали, потребни се години за да се соберат и анализираат тие податоци. Дел од интелигенцијата на системот е токму во базата на акумулирано знаење.

Трн: Неодамна воведе можност за разговор со вештачка интелигенција директно преку платформата. Зошто токму сервисите на „Гугл“?

Игор: Во моментот кога ја воведувавме таа функционалност, „Гугл“ имаше подобри резултати за јазици со помалку достапни податоци на интернет, како македонскиот. Генерацијата на текстови беше поквалитетна и граматички поконзистентна. Дополнително, веројатноста тие сервиси да бидат недостапни е значително помала отколку кај многу други системи. Веројатно постои и мала лична лојалност кон „Гугл“, бидејќи сум работел таму и сè уште имам акции во компанијата.

Трн: Алгоритамот на Тајм фаворизира теми што се покриени од повеќе медиуми, а за влез на платформата постојат одредени критериуми. Како ја балансираш потребата од квалитетна селекција со ризикот да се испуштат помали, но релевантни медиуми?

Игор: Прагот за посетеност повеќе служи како филтер за ад хок сајтови што никнуваат преку ноќ, особено пред избори. Често тоа се сајтови создадени со конкретна политичка или пропагандна намера, а не за објективно информирање. Затоа бараме медиумот да постои најмалку шест месеци и да има одредена релевантност. Сепак, ако станува збор за мал, специјализиран медиум и ако гледаме дека има квалитетна содржина, професионален изглед и сериозен пристап, тогаш покажуваме флексибилност.

Трн: Денес „Тајм.мк“ не е само агрегатор, туку и фактор што влијае врз медиумската видливост и перцепција. Колку ја чувствуваш таа одговорност?

Игор: Ја чувствувам. Но не би рекол дека сме арбитар. Повеќе се гледаме како огледало на медиумската сцена. Не оценуваме дали нешто е точно или неточно, дали е проевропски или проруски настроено. Нашата цел е да ја прикажеме реалноста што веќе постои во медиумскиот простор. Одговорноста е тоа огледало да не биде искривено, да не фаворизира одредени позиции или медиуми.

Трн: Како гледш на влијанието на вештачката интелигенција врз медиумите и новинарството?

Игор: Поместувањето е огромно. Насоката беше очекувана, но брзината не. Медиумите сега првпат чувствуваат дека повеќе не се „врвот на синџирот“. Порано тие беа последниот филтер што ја толкува реалноста. Сега постојат системи што прават мета анализа на нивната работа. Тоа создава нелагодност. Но мислам дека не е само прашање на „крадење“ содржина, туку психолошки момент, чувството дека некој друг сега ја контролира интерпретацијата. Проблемот е што сите овие системи живеат врз база на информациите што ги создаваат медиумите, а притоа медиумите често не добиваат речиси ништо за возврат.

Трн: Каде е границата што вештачката интелигенција не смее да ја помине кога станува збор за одлуки што влијаат врз луѓето?

Игор: Најважно е машините да не носат одлуки што луѓето не можат да ги проверат и разберат. Тие системи веќе можат да нè разберат подобро отколку што самите се разбираме себеси, преку податоците што секојдневно ги оставаме. Што читаме, каде застануваме со скрол, што отвораме, што игнорираме. Потоа преку A/B тестирање можат суптилно да влијаат врз ставови, однесување и емоции. Тоа е огромна моќ.

Трн: Како ја замислуваш иднината во која вештачката интелигенција ќе автоматизира огромен дел од човековиот труд? Дали мислиш дека се движиме кон технолошка утопија или кон длабока идентитетска криза?

Игор : Мислам дека за помалку од една деценија ќе се соочиме со сериозна идентитетска криза. Голем дел од нашиот идентитет денес е поврзан со професијата и улогата што ја имаме во општеството. Луѓето велат: „Јас сум лекар“, „јас сум новинар“, „јас сум програмер“. Но што ќе се случи кога машините ќе можат подобро да ги извршуваат повеќето интелектуални задачи?

Веќе гледаме дека први се автоматизираат професиите каде што резултатот лесно може да се провери, како програмирање, математика и аналитика. Следниот бран ќе бидат професии каде што нема едноставен и проверлив одговор. И токму затоа мислам дека ќе се отвори многу подлабоко прашање, што ќе прават луѓето кога повеќе нема да можат да додадат вредност преку трудот?

Ова денес можеби звучи како научна фантастика, но и за сегашниот напредок мислевме дека ќе дојде за дваесет или триесет години, а не сега. Мислам дека ќе настане огромна идентитетска криза. Ќе мора повторно да си го поставиме прашањето што значи да се биде човек, што е идентитет и како ќе функционира општеството кога трудот повеќе нема да биде главниот извор на вредност. Можно е луѓето повторно да се свртат кон религијата, духовноста или филозофските идеи. Можеби концепти што денес ни звучат далечни, како будистичките идеи дека сè е минливо и дека идентитетот е илузија, ќе станат многу поактуелни. Мене искрено ми е фасцинантно што живееме токму во овој период. Ќе биде невиден хаос, но и огромна трансформација на цивилизацијата.

Видеото погледенете го тука

е-Трн да боцка во твојот инбокс