Кога една земја ретко зборува за наука, уште поретко ги слуша младите луѓе што веќе работат на теми за кои светот вложува милијарди. Александар Стојчевски е еден од нив. Млад физичар од Македонија, студент на генерација на Природно-математичкиот факултет во Скопје, кој по дипломирањето на насоката Теориска физика во 2024 година, академскиот пат го продолжи во Франција.
На Универзитетот Aix-Marseille заврши магистерски студии по нуклеарна физика, со специјалност плазма-фузија. Денес е на докторски студии при Институтот по математика на Универзитетот Côte d’Azur во Ница и работи на истражувачки проект во рамки на програмата France 2030, поврзан со фузиските технологии и научниот екосистем околу ИТЕР, најголемиот експеримент за нуклеарна фузија во светот.
Нуклеарната фузија звучи како нешто од иднината, но всушност е процесот што секој ден го гледаме на небото. Тоа е принципот што го напојува Сонцето и ѕвездите: лесни атомски јадра се спојуваат и ослободуваат огромна количина енергија. За разлика од класичната нуклеарна фисија, каде што тешки атомски јадра се разделуваат, фузијата се обидува да понуди почист, постабилен и речиси неисцрпен извор на енергија. Но, за таа енергија навистина да стигне до електричната мрежа, науката треба да реши серија тешки прашања: како се создава и контролира плазма, како се задржува доволно долго и како идните реактори да станат практично употребливи.
Трн: Александар, од студент на генерација на ПМФ до докторски студии во Франција – дали Македонија знае да ги препознае своите најдобри студенти или најчесто ги испраќа надвор?
Александар: Секако дека Македонија е свесна за квалитетот на луѓе со кој располага и знае да препознае. Сепак, мора да се признае дека освен тоа препознавање, потребно е и нешто повеќе. Различни дисциплини/факултети си функционираат на свој начин, и поддршката и насоките се најчесто во тие рамки. Располагаме со квалитетни кадри кои солидно можат да ја увидат мотивацијата кај студентите.
Точно е дека постојат и многу недостатоци. Македонија не е таа што не испраќа надвор. Секој млад човек има порив да експериментира, да се испробува и да ги пречекорува сопствените граници. Ова циркулирање помеѓу институти, центри, лаборатории е доста често и во Европските земји, како и низ светот. Меѓутоа, она што треба да се пружи е една цврста основа, од која ние македонците ќе започнуваме и на која ќе можеме да и се вратиме со насобраните искуства. Целта не е да се победуваат натпревари и да се истакнуваат поединци, туку заедништвото.
Тоа станува повозможно со здружување на силите и зголемување на соработката на ниво на Македонија, со поголема хомогеност меѓу универзитетот, научните институции, соответни приватни компании, министерствата итн. Би било од преголемо значење за еден студент, да има повеќе можности да го употреби наученото знаење, да биде дел од некое соодветно истражување и да ги проширува своите хоризонти преку учествува на разни настани и конференции.
Размените во странство се често отежнати за нас, како од финансиски аспект, така и од административни причини како ограниченост за престој и аплицирања за визи, но не се невозможни. Најважно е што дефинитивно имаме што да понудиме во научниот свет.
Трн: Кога заминавте на магистерски студии во Франција, што прво ве изненади: академскиот систем, пристапот на професорите или можностите што таму им се нудат на младите истражувачи?

Александар: Нема значителна разлика во формализмот на академскиот систем и професионалниот пристап на професорите. Бројот на студенти на физика и тука не беше преголем. Можеби олеснително е тоа што предметите се групираат во неколку блокови, и границите за успешно магистрирање се поставени за блоковите. На овој начин, успехот во предметите од ист блок може да се компензира, што го намалува ризикот да не се заврши факултетот заради стриктно еден предмет во кој поените биле под границата.
Исто така, во рамки на еден предмет, спаѓаат најмногу до пет предавачи, секој задолжен за по еден дел од предеметот според сопствената област, и за одредување на успехот на студентот во тој дел, што на крај резултира во упросечен резултат.
Како и да е, многу ме изненади што тие предавачи не беа само универзитетски професори, туку дел беа експерти кои работат на конкретни проекти од индустријата и од разни научни центри во Франција. Така, од прва рака, согледувавме како равенките што ги следиме на таблата и моделираме со компјутерски програми, се преточуваат во пракса. Преку такви предавачи, дополнително се стигнува до информации за уште поголеми можности, пренасочување кон контакти од други експерти итн.
Доста присутна е и експерименталната работа во лабораториите-партнери на универзитетот, како и соодветни помали истражувачки проекти, под надзор на ментори. Искуството од непроценливо значење за мене, беше шест-месечната пракса која беше задолжителна за програмата, и прв пат поконкретно ме воведе во секојдневниот професионален свет на науката. Во истиот тој Центар за Атомска Енергија, пред да ја започнам праксата, беше организиран и зимски настан во кој се здружија студентите од разни градови во Франција, кои ја следат оваа магистерска програма. Значи, соработката е на високо ниво и можностите што се нудат на младите истражувачи се огромни.
Трн: Нуклеарната фузија звучи како наука од иднината, но светот веќе вложува милијарди во неа. Зошто кај нас ваквите теми сè уште ретко влегуваат во јавниот разговор?
Александар: Многуте позитивни резултати и валидации од последниве години доведоа до поредовните вложувања на високи суми во постоечки и во нови, светски и национални експерименти. Се повеќе расте бројот и капиталот на приватни компании кои ветуваат производство на фузиона енергија преку најразлични концепти и пристапи. Секако сето ова не е еднакво во сите држави, и светот се уште учи како и до која мера да се справи со се поголемата возбуда кон оваа област на истражување.
Кај нас многу теми не влегуваат во јавниот разговор, особено науката. За да влезат во јавниот разговор потребно е вистинските луѓе да се најдат на вистинската позиција од која ќе може поефективно да се делува. Мора да почнеме од некаде.
Една клучна работа би била создавањето на кадар во полето на фузија и обучувањето на повеќе млади истражувачи, со универзитетот како централна улога. Заедно со наши студенти низ Европа, моментално сме во обид да ја организираме веројатно првата работилница за фузија за македонски студенти.
Понатаму, соработката и ликвидноста меѓу научните и институциите на национално ниво е многу важна и би резултирала со формирање на македонски тим/центар за фузија. Како што заедницата е поголема, така станува погласна. Мора отворено да се разговара на овие теми, со цел да се подобри нашата положба во научниот свет, без разлика на тоа каде стоиме сега. Во оваа прилика, благодарам за ова интервју и дадениот просторот да се промовира научната работа.

Трн: Вашето докторско истражување е поврзано со математика, физика и моделирање на процеси во плазма. Колку е тешко да се работи на наука што бара години истражување, а јавноста често очекува брзи резултати?
Александар: Процесот на нуклеарната фузија и нејзините придобивки се познати децении наназад. Но, оваа област има изразено прогресивен пристап. Едноставно постојат премногу предизвици пред оваа енергија да се појави на електричната мрежа. Долгогодишшните напори биле неизбежни за денес оваа комплексна област да има подобро етаблирана основа и со поголема доверба да се развиваат нови концепти. Сигурно е предизвик да се одговори на очекувањата на јавноста, државните структри и инвеститорите, но од објективен аспект, фузијата го минува процесот на валидирање, како и релативно сите други иновативни енергии во своето време. Неодамнешната зголемена компетитивност во приватниот сектор носи уште побрза динамика и денешниот прогрес е навистина возбудлив. Веќе неколку години сум во време каде промените се побрзи, и се надевам дека ќе ги дочекаме очекуваните ветувачки резултати.
Трн: Проектот на кој работите е поврзан со ИТЕР, најголемиот експеримент за нуклеарна фузија во светот. Дали чувствувате дека сте дел од научна трка што може да го промени начинот на кој светот произведува енергија?
Александар: Секако институтот е добро поврзан и придонесува кон проектот ИТЕР. Всушност мојот докторски проект повеќе е поврзан со приоритетната национална истражувачка програма Франција 2030, во одделот SupraFusion кој се стреми да ја прикаже употребата на суперпроводници на висока температура во идните реактори со цел повисоки магнетни полиња, подолго задржување на состојбата на плазмата и можност за покомпактни уреди.
Оваа програма е само уште еден пример за тоа дека истражувањата за фузија стануваат приоритетни во националните стратегии. На тимските состаноци се евалуираат различните национални и приватни програми низ светот и многу добро се доловува оваа трка, која всушност е една голема колаборација. Дефинитивно чувството е исполнувачко, но за да биде комплетно, максимално се трудам да научам за што повеќе аспекти од оваа програма, верувајќи дека ќе можеме да формираме вакви стратегии во Македонија.
Трн: Вашиот пат покажува дека од ПМФ во Скопје може да се стигне до големи европски научни проекти. Но, што треба да се промени за повеќе млади научници да не мора прво да заминат за да бидат видени?
Соработката со странски научни групи е дел од процесот, но треба да се потрудиме таа размена да не биде само во една насока. Денешната наука е во голем дел сведена на компјутерска нумеричка работа, која потоа се валидира со експериментални потадоци кои се почесто стануваат отворени и подостапни. Лесно е да се откажеме соочувајќи се со фактот дека не вложуваме доволно средства за наука, но модерното време носи многу можности за алтернативни пристапи.
Многу наши студенти низ годините стигнувале до важни научни институции и проекти во разни домени, и треба да се гордееме што нашиот квалитет не е за потценување. Науката не е индивидуална и потребно е да создаваме научни групи кои ќе бидат соодветно поддржани, да објавуваме научни трудови и поактивно да се вклучуваме во научни проекти, ставајќи ја Македонија на мапата.