Скопје има чудна навика да го крие најинтересното пред очи. Додека туристите низ Европа стојат во ред за совршена фотографија пред истите знаменитости, во македонската престолнина сè повеќе внимание привлекува нешто сосема друго: бетон, масивни форми, необични линии и згради кои со децении ја делат јавноста.
Бруталистичката архитектура, која долго време беше доживувана како „тешка“, „сива“ или премногу груба за градскиот дух, денес добива нов живот. Она што за едни е архитектонско наследство од една друга епоха, за други е токму она што го прави Скопје различно од градовите што личат еден на друг.
По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога биле уништени околу 80 проценти од градбите во градот, Скопје станало големо архитектонско градилиште. Во обновата се вклучиле архитекти од различни делови на светот, а градот добил нов урбан јазик, во кој бетонските објекти не биле само градби, туку симбол на обнова, солидарност и нов почеток.
Токму таа приказна денес ја раскажува и локалната водичка Александра Георгиева, која неодамна започнала пешачка тура низ бруталистичкото Скопје. Во изјава за Euronews Travel, таа вели дека сакала на туристите да им ја пренесе својата љубов кон овој архитектонски стил и кон делот од градот кој често се гледа, но ретко се разбира.
„Во тој период македонските архитекти успеале да дадат огромен придонес за градот“, вели Георгиева за Euronews Travel. „Тоа е архитектонски стил за кој може да се дебатира, но без разлика дали ви се допаѓа или не, градот целосно се преродил по земјотресот.“
Ако нешто знае Скопје, тоа е да се расправа со сопствениот изглед. Брутализмот никогаш не бил само прашање на вкус. За едни, овие згради се автентичен белег на градот. За други, тие се потсетник на минато кое треба да се прикрие, префасадира или замени со нешто „поубаво“. Таа логика беше видлива и преку проектот „Скопје 2014“, кога дел од институциите и објектите во центарот добија нови фасади во неокласичен стил, со образложение дека градот се враќа кон некаков претходен изглед.
Но Георгиева не се согласува со таквото читање на Скопје. Во изјавата за Euronews Travel, таа посочува дека шансата градот да се обнови во неокласичен стил била веднаш по земјотресот. „Во меѓувреме, брутализмот стана еден од најважните архитектонски стилови во градот. Можеби не е омилен, но е многу автентичен и типичен, и токму тоа го издвојува Скопје од другите градови“, вели таа.


Турата низ бруталистичкото Скопје ги вклучува објектите кои скопјани ги поминуваат речиси секојдневно, често без да ги погледнат како архитектонски приказни. Меѓу нив е Македонската академија на науките и уметностите, која иако припаѓа на бруталистичкиот израз, носи инспирација од јапонски храмови. Тука е и Градскиот трговски центар, кој не е само зграда, туку едно од ретките живи урбани јадра на градот. А тука е и Поштата, еден од најпрепознатливите и најспектакуларни примери на скопскиот брутализам.


Брутализмот, секако, не е само скопска приказна. Лондонскиот Барбикан центар е еден од најпознатите примери на овој стил, Ереван станува сè поважна дестинација за љубителите на бетонската архитектура, а Белград и Париз исто така се дел од новиот интерес за градови во кои модернистичкото наследство повторно се чита со поинакви очи.
Но Скопје има своја посебна тежина. Неговиот брутализам не е само архитектонски избор, туку последица на катастрофа, визија за обнова и доказ дека градот може да се изгради одново, дури и кога речиси сè е урнато. Денес, додека дел од скопјани сè уште се расправаат дали овие згради се убави или грди, туристите веќе почнуваат да го гледаат она што градот понекогаш го заборава: дека во бетонското лице на Скопје има меморија, карактер и приказна што не личи на ниту една друга.