Ме нема. Ме нема од мојот досегашен живот, ме нема и во животите на другите. Можеби ќе ме има, а можеби и не. И тоа е ок.
Сè има рок на траење, најмногу човечките односи. За колку луѓе во животот сме мислеле дека ни се засекогаш и колку со времето и искусувањето тоа се менува. И додека се наоѓам во сезона 7 од животов, сценариово не попушта никако и многу работи немаат смисла. Но колку пати нешто немало смисла во моментот, а подоцна сме биле благодарни токму за тоа? Колку пати сме се држеле за одредена емоција, идеа, желба… како да ни е последна.
Долго време немав креативност, ниту мотив да пишувам, да творам, да цртам. Јас- ‘секогаш креативната’ се најдов и на ова место. Работата ми е креативна, но со рокови што секогаш ги бркав со стрес и тензија и тоа го прелевав врз другите. Оваа сезона не си ги поставив тие рокови, пропуштив интересни понуди, каснев и со мојот проект. И што се случи? Апсолутно ништо. Светот не се преврте, животот не ми избега. Не си го создадов стресот. А приликите? Тие или ќе дојдат пак или нема. И двете се во ред. Нешто што требало да се случи ќе се случи.
Едноставно на работите не ставам повеќе етикета дека ‘морам’ и ‘треба’, туку ‘кога можам’ и ‘кога сакам’. Колку се жртвуваме за материјалното по цена на сопственото здравје! Копнеж да газиме по себе а понекогаш и по другите, во трка за успех за еден ден, на старост, да уживаме.
Но…кој ти ја вети староста? Кој ти вети здравје во староста? Кој ти го вети уживањето?
Ако сте прочитале некоја моја предходна колумна, знаете дека овие прашања ги имам разгледувано подлабоко како дел од мојата лична мисија: здравје и тело, во оваа серија наречена живот.
Утрински ритуали во сезона 7 ми се Водно или јога. Во овој период примарната цел ми е да си го стишам умот, истиот тој што ме меле цел живот. И покрај толку години работа на себе и практикување јога од 16 години многу ретко се случува да имам ‘успешна’ медитација. За мене успешна е кога ќе ми потечат неколку солзи, од благодарност, од пуштање, од нешто што сум го држела предолго. Така, ова утро, оваа колумна протече низ мене, иако со месеци талкав и барав тема во умот, дојде од срцето.
Верувам дека и пишувањето е форма на исцелување, затоа и имам потреба да бидам транспарентна. Да го споделам она што сум го искусила и научила дури и кога е премногу отворено за некои, но нема да се бавиме со мислењата на другите, едвај ни стига времето и за сопствените.
Во животот, во кој ништо не е случајно, ни се испраќаат разни луѓе, луѓе како искуства и луѓе како лекции. Верувам дека сами ги бираме, колку и да звучи сулудо, ги бираме дури и родителите. Не ние како име и презиме туку како душа со одредена мисија, а таа мисија често е тешка. Родени во форма на векна леб и пред да научиме кои сме веќе сме обликувани од другите. Без да знаеме, почнуваме да ги носиме туѓите тежини како свои.
Оштетени од родителите, исфрустрирани од детството, обележани од ситуации кои сме ги молчеле и закопувале негде длабоко со еден тон цемент натоварени за да ги памтиме помалку, за да болат помалку. Но тие остануваат и ни се рефлектираат низ животот, во изборите, партнерите, одлуките низ кои живееме. Во истите патерни што ги повторуваме па дури и ги пренесуваме на сопствените деца. И така се вртиме во истиот чвор со префрлување вина, со отсуство на свест за превземање на некаква одговорност бидејќи, искрено, полесно е другиот да е виновен.
И можеби звучи радикално, но понекогаш си помислувам…да ми е дадена некаква супермоќ, би создала институција каде што ќе се полага за родителство, исто како за возачка дозвола. Затоа што последиците од незнаење не се судир на улица туку живот што некој го носи во себе. Децата не се проекти на родителите, ниту место за нивните неостварени желби и фрустрации. Секоја душа доаѓа со свој пат и своја мисија.
И јас сум едно од тие деца што не растеле во здрава средина, ниту со пружена емоционална сигурност и разбирање. Но со текот на времето сфаќаш дека не можеш да очекуваш од некого да даде нешто што ни самиот никогаш не го научил да го живее. Јас ги нарекувам емотивно хендикепирани луѓе, на кои неможеме да им се лутиме. Тие даваат онолку колку што знаат и умеат. А некои едноставно не знаат поинаку.
Ми требаше половина живот да го разберам ова, не само со умот, туку и со срцето.
Работата на себе никогаш не престанува. Постојано ги одмотуваш сопствените слоеви, учиш, простуваш, паѓаш и повторно се составуваш. И таман кога ќе помислиш дека си исцелил нешто животот ќе ти покаже уште едно место во тебе што бара внимание. Најтешкиот дел е да прифатиш дека љубовта што си ја чекал можеби никогаш нема да дојде од таму каде што си ја барал. И тогаш…ја учиш најсуштинската лекција: да престанеш да ја бараш љубовта надвор од себе и да станеш свој дом.
И тука некаде доаѓа вистината што не секогаш сакаме да ја чуеме: Сè што ни се случува на некој начин си го правиме сами. Ако умот е доволно моќен да не разболи тогаш е доволно моќен и да не исцели. Но прво треба да се прашаме зошто? Зошто сме си го направиле ова? Зошто премногу долго молчиме? Зошто ги потиснуваме емоциите и ги оттурнуваме кога ни се најпотребни? Зошто не кажуваме кога нешто нè боли, наместо да се праваме храбри?
Затоа што не споделуваме, не бараме помош, или мислиме дека не ни треба, па сè што не сме кажале останува во нас, а телото го памти.
Со секоја болест, телото зборува, не со зборови туку со симптоми. Болката не е непријател. Таа е порака. Телото секогаш знае пред нас. Прашањето е дали сме спремни да го слушнеме?
А оваа сезона…јас учам да слушам. Не светот, не другите. Себеси.
И за крај, затоа што сум пишувала романи наместо колумни, ќе ве оставам во мислите. А може и ќе ви пролетам низ глава во промените. You never know.

