Босилекот (Ocimum basilicum) е едногодишно тревно растение познато по својата интензивна арома и широка примена во кујната. Станува збор за растение со исправено четвртасто стебло кое достигнува висина од околу 30 до 50 сантиметри, со разгранети гранчиња и светлозелени листови со јајцевидна форма. Долните листови се поголеми, додека горните се помали и нежни.
Покрај кулинарската вредност, босилекот често се нарекува и „царско растение“ и се користи како декоративен елемент во домови, кафулиња и ресторани, благодарение на својот пријатен мирис и свеж изглед.
Ова растение најдобро успева во топли услови, со оптимална температура од 20 до 30 степени. На пониски температури неговиот раст значително се забавува, додека мраз од околу 5 степени може целосно да го уништи. Босилекот бара влажна, мека и плодна почва за правилен развој.
Одгледувањето во домашни услови е едноставно и не бара голем простор. Доволна е саксија или помала кутија со длабочина од 10 до 15 сантиметри. Најважен чекор е подготовката на дренажа – на дното се става слој песок или ситни камчиња за да се спречи задржување на вишок вода.
Семето се сее во квалитетна почва, која може да се набави во специјализирани цвеќарници. По садењето, растението треба да се чува на топло место додека не никне, а редовното наводнување е клучно за негов раст. Се препорачува користење на млака вода и умерено, но често полевање.
Со минимална нега, босилекот може да обезбеди свеж зачин директно од вашиот дом практично, мирисно и секогаш при рака за секое јадење.