Две кутии стари фотографски плочи, пронајдени во семејна архива отворија речиси заборавено поглавје од историјата на фотографијата во Македонија. На нив се зачувани сцени од старо Скопје, селскиот живот, жетвата, традиционалните обичаи, рибарите и секојдневието меѓу двете светски војни. Зад фотографиите стои семејството Арсовски, чие творештво со децении останало скриено во архиви и приватни збирки.
Истражувањето започнало пред речиси три години, кога историчарот на дизајнот Дејан Кршиќ ја повикал Ива Просоли да ги разгледа фотографиите пронајдени по смртта на Михајло Арсовски, еден од пионерите на хрватскиот графички дизајн. Просоли е музејска советничка во Музејот за уметност и занаети во Загреб, каде што раководи со збирките на понова фотографија и фотографска опрема, и доцентка на Академијата за драмски уметности во Загреб. Заедно со колешките од Музејот на град Скопје, таа ја реконструирала приказната за фотографското семејство Арсовски, чие творештво претставува важен дел од македонското и хрватското фотографско наследство.
Повод за разговорот е изложбата „Арсовски – фотографи“, која на 29 октомври се отвора во Музејот на град Скопје, како и истражувањето претставено во двојазичната монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“. Со Ива Просоли разговараме за откривањето на оваа фотографска оставнина, за животот во Скопје меѓу двете светски војни и за тоа зошто историјата на македонската фотографија сè уште чека на посоодветно место во европскиот културен контекст.

Трн: Истражувањето на семејството Арсовски започнало со две кутии стари фотографски плочи, пронајдени во семејна оставнина. Во кој момент сфативте дека пред вас немате само збирка стари фотографии, туку приказна што може да промени дел од она што го знаеме за историјата на фотографијата во Македонија?
Ива: Фотографиите ги пронашол теоретичарот и историчар на дизајнот Дејан Кршиќ, додека ја подготвувал монографијата за Михајло Арсовски, инаку пионер на хрватскиот графички дизајн. Кога ми ги покажа фотографиите, за кои сметаше дека се дело на таткото на Михајло од 1930-тите години, единственото во што бев сосема сигурна беше дека станува збор за фотографии со исклучително висок квалитет, кои несомнено се дело на професионалец. Според стилот, начинот на фотографирање, компонирањето и третманот на содржината, тие припаѓаат на самиот врв на регионалната фотографска продукција.
Во тој момент не бевме свесни за нивното значење за македонската историја на фотографијата. Единственото што го знаевме беше дека таткото на Михајло, Коста Арсовски, имал фотографско ателје во Скопје меѓу двете светски војни, кое се викало „Електрофот“, и дека по војната се преселил во Загреб, каде што продолжил да се занимава со фотографија. Тоа беше нашата почетна точка. Повеќе од тоа не беше забележано ниту во литературата, ниту беше општо познато.
Бидејќи сум семејно поврзана со Македонија – сопругот ми е Македонец – а и претходно имав контакти со неколку колеги, ми беше малку полесно да го започнам истражувањето отколку на некој што нема врски со македонската музејска и културна сцена. Сепак, како пресвртна точка се покажа поврзувањето со колешките од Музејот на град Скопје, Оливера Џартовска Тачевска, Татјана Ѓорѓиевска и Славица Христова. Тие по професија се етнолози и одлично ја познаваат историјата на Скопје и Македонија. Истражувањето го продолживме заедно и успеавме во значителна мера да ја реконструираме историјата на фотографското семејство Арсовски. Таа започнува околу 1910 година со Васил Поп Арсов во центарот на Скопје, а завршува кон крајот на 1950-тите години во Загреб со веќе споменатиот Коста.
Интересно е што паралелно со приказната за едно фотографско семејство се искристализира и приказната за бурното политичко време, како и за снаоѓањето, па и опстанокот на професионалните фотографи во зависност од општествените, економските и политичките околности.
Трн: Фотографиите го документираат старо Скопје, селскиот живот, жетвата, традиционалните носии и секојдневието во Македонија. Што можат тие да ни откријат за животот на луѓето во периодот меѓу двете светски војни, а што не можеме да го дознаеме од пишаните историски извори?
Ива: Во реконструирањето на содржината и значењето на овие фотографии клучна улога имаа колешките од Музејот на град Скопје. На изложбата веќе е раскажан дел од приказните за старите обичаи поврзани со жетвата и рибарењето на Охридското Езеро, но и за животот во градот, архитектурата и луѓето, а особено е интересно прашањето за положбата на жената во тогашното општество.
Овие прашања се дополнително разработени во монографијата што ја издадовме во рамките на изложбата, бидејќи се покажа дека со изложбата не можеме да ги опфатиме сите теми што ги отворија фотографиите. Татјана Ѓорѓиевска пишуваше за природните и урбаните пејзажи во творештвото на браќата Арсовски, Оливера Џартовска Тачевска за аспектите на романтичниот национализам во прикажувањето на селскиот живот и етнографските мотиви, Славица Христова за фотографиите на семејството Арсовски што се чуваат во Музејот на град Скопје, додека јас во својот текст се обидов да ја реконструирам професионалната и аматерската фотографија во Скопје меѓу двете светски војни и да го сместам творештвото на Арсовски во тој контекст.

Трн: На фотографиите на Арсовски се забележуваат и уметнички експерименти, особено колорирањето на портретите и внимателната употреба на светлината. Што го прави нивниот опус значаен не само како историски документ, туку и како уметничко дело?
Она што ги издвојува овие фотографии е токму нивниот висок квалитет. На студиските портрети во поголем формат, кои ги споменувате, присутни се различни постапки на доработка, односно колорирање. Искрено, тоа не било толку честа практика, барем не на начинот на кој ја применувале Арсовски.
Но најголема љубопитност кај мене предизвикаа снимките направени на отворено – фотографиите од работата на поле, рибарите, градските пејзажи и културните споменици. Токму тие откриваат исклучително познавање на фотографската техника, вешто користење филтри во комбинација со природната светлина, богат тонски опсег и внимателно осмислени композиции.
Истовремено, сите овие фотографии имаат и голема документарна вредност – тие се вистински сведоци на времето. Во стилска смисла припаѓаат на жанрот таканаречена „хајмат“ фотографија, карактеристичен за целото подрачје на Средна и Јужна Европа меѓу двете светски војни. Таа претставува продолжение на традицијата на пикторијалистичката фотографија, но со користење на новите технички можности. Тематски, фотографиите одговараат на стремежите за создавање национален стил во фотографијата преку национални теми, односно етнографски мотиви и пејзажи.


Трн: Во меѓународните прегледи на европската фотографија Македонија понекогаш е изоставена, а од македонските автори се споменуваат само браќата Манаки. Што треба да се промени за историјата на македонската фотографија да добие посоодветно место во европскиот културен контекст?
Ива: Пред сè, неопходна е посилна институционална поддршка. Потребно е да се инсистира на собирање, обработка и дигитализација на фотографиите, како и на организирање фотографски збирки со поддршка од државата, односно од градовите.
Се разбира, во Македонија, во различни институции, но и како независни истражувачи, има извонредни стручњаци што се занимаваат со историска фотографија. Имав среќа да запознаам дел од нив, да разменам искуства и да научам од нив. Би го издвоила Роберт Јанкулоски, снимател, уметник, професор на академија и основач на Македонскиот центар за фотографија, кој, за жал, во моментов функционира како приватна иницијатива.
Многу важна улога во зачувувањето на аматерската фотографија има и Фото-сојузот на Македонија, кој исто така ни отстапи неколку дела за книгата. Тука се и поединци како Александар Кондеев, Златко Теодосиевски и Јован Шурбановски, кои секој од свој агол обработиле дел од фотографското наследство. Секако, тука се и бројни куратори и автори што се занимаваат со современата фотографска продукција.
Но, и покрај сите овие поединечни напори, она што недостасува е место каде што би се овозможил континуитет и каде што би можеле да се обединат сите знаења на одделните истражувачи. Тогаш полесно би можеле да ја зачуваме историјата, а последователно и соодветно да ја претставиме во европски и светски рамки.

Трн: Дали некогаш сте почувствувале дека фотографијата пред вас крие приказна што не можете целосно да ја реконструирате?
Ива: Речиси секогаш. Можеби токму тоа е она што ја разликува добрата фотографија од останатите. Фотографијата е збир од различни сили што дејствуваат во неа: се среќаваат визијата на фотографот, фотографираниот мотив и очекувањата на оној што ја гледа. И трите се определени од своето време и од сите можни објективни и субјективни околности во кои постојат.
Трн: Кога фотографиите на Арсовски денес би биле објавени на Инстаграм, која од нив, според вас, би предизвикала најмногу реакции?
Ива: Секогаш најинтересни се фотографиите на кои има луѓе. Би ја издвоила сцената со детска игра, како и другите секојдневни случувања на скопската чаршија.
Трн: Што би им порачале на младите кои сакаат да ја истражуваат историјата, фотографијата или семејните архиви, но мислат дека сè што е важно веќе е откриено?
Ива: Би им го кажала она што се обидувам да им го пренесам и на моите студенти: историјата се пишува врз основа на достапните информации, кои потоа се обликуваат под влијание на намерите, искуствата и идентитетите на оној што ја пишува.
Историјата на уметноста е релативно млада дисциплина и секогаш е потребно да се преиспитуваат нејзините заклучоци. Не постои завршено истражување. Постои само неговата моментална верзија. Но тоа не значи дека треба да избегнуваме да донесуваме заклучоци – токму спротивното. За да се постигне каков било напредок, неопходно е да се осмелиме, дури и ако погрешиме.
