Сушите, топлотните бранови и недостигот од вода сè повеќе го погодуваат Балканот и Јужна Европа. Температурите растат, врнежите стануваат понепредвидливи, снежната покривка се намалува, а испарувањето се зголемува. Но климатските промени не се единствената причина за притисокот врз водните ресурси: прекумерното користење на водата во земјоделството, индустријата и домаќинствата дополнително ја влошува состојбата.
Преспанското Езеро е еден од највидливите примери за овие промени. Неговото намалување отвора сериозни прашања за иднината на биолошката разновидност, локалните заедници и достапноста на водата во регионот. Според Тим ван дер Шрик, истражувач поврзан со Националната опсерваторија во Атина, во најлошо сценарио нивото на езерото би можело да се намали за дополнителни шест до седум метри пред да се воспостави нова рамнотежа.
Ван дер Шрик учествуваше на седмиот Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество, што се одржа во Струга од 15 до 18 октомври 2026 година во организација на Македонското еколошко друштво, каде што говореше за заштитата на природата во услови на климатска криза. Во интервјуто за „Трн“, тој објаснува зошто иднината на водните екосистеми зависи и од начинот на кој управуваме со нив, какви промени се потребни во земјоделството и индустријата и зошто водата мора да се третира како заедничко богатство, а не како неисцрпен ресурс.
Трн: Јужна Европа и Балканот сè почесто се соочуваат со топлотни бранови, суши и недостиг од вода. Дали одиме кон иднина во која делови од регионот ќе стануваат сè потешки за живеење поради климатските промени? Кои научни докази најјасно го покажуваат тоа?
Tим: Јасни докази за промената на климата во Југоисточна Европа даваат температурните мерења, кои покажуваат значителен пораст на температурите во изминатите две децении. Врнежите стануваат понепредвидливи, испарувањето се зголемува, а снежните врнежи и снежната покривка се намалуваат. Се намалува и истекувањето на водата. Овие промени ќе продолжат и во иднина. Сепак, мислам дека е важно да се нагласи дека можеме да живееме и во такви идни услови, доколку дејствуваме и се приспособуваме.
Сепак, добар квалитет на живот во регионот е возможен и покрај идните климатски промени, сѐ додека посветено работиме на справување со последиците. Таков е примерот со водата како сѐ поограничен ресурс и нејзиното лошо управување. Подобрувања се возможни во вкупната потрошувачка на вода во земјоделството, индустријата и домаќинствата, како и подобро управување со земјиштето за да се намали зачестеноста на шумските пожари во иднина.
Добар преглед на досегашните и проектираните климатски промени нуди Европската служба за климатски промени „Коперникус“. Идните промени може да се истражуваат и преку Европскиот истражувач на климатски податоци на Европската агенција за животна средина.

Трн: Вашето истражување се занимава и со намалувањето на нивото на Преспанското Езеро. Што ни кажува Преспа за климатската иднина на Балканот? Дали таа е предупредување за она што може да им се случи на другите езера и речни системи во регионот?
Tим: Преспанското Езеро ги покажува заедничките последици од зголеменото испарување, намалените врнежи и истекувањето на водата, како и од нејзиното зафаќање за човечки потреби. Во иднина, овие влијанија ќе се засилуваат. Она што се случува со Преспанското Езеро е локална реакција на регионалните климатски промени и претставува јасен предупредувачки знак. Сепак, тоа не значи дека другите езерски и мочуришни системи нужно ќе ја следат истата траекторија во иднина.
И другите речни, езерски и мочуришни системи во Југоисточна Европа и Турција претрпуваат значителни промени, но реагираат различно. Некои од нив дури и целосно пресушиле.
Ова покажува дека влијанието на климатските промени врз слатководните екосистеми не е исто насекаде во регионот. Реакцијата на секој систем зависи од локалните услови. Општо земено, сливните подрачја во кои се зафаќаат големи количества вода за земјоделство, индустрија и домаќинства се почувствителни на климатските промени.
Трн: Постои ли реален ризик Преспанското Езеро драматично да продолжи да се намалува во следните 10 до 20 години? Кое е најверојатното сценарио ако продолжат сегашните практики?
Tим: Со оглед на тоа што климатските промени се неповратни, барем во временска рамка од еден век, постои голема можност нивото на Преспанското Езеро да продолжи да опаѓа и езерото да се намалува. Сѐ додека комбинираните загуби од испарувањето од отворената водена површина и истекот низ карстните дупки под Галичица се поголеми од количините вода кои ги добива езерото преку локалната преципитација, Преспа ќе се суши. Со постепеното пресушување се намалува и водната езерска површина (од која се случува испарувањето), а сѐ повеќе карстни пукнатини остануваат на суво – овие комбинирани ефекти ја намалуваат загубата на вода. Стабилизација на нивото би можела да се постигне дури кога загубите ќе бидат исти или помали од количините на вода кои влегуваат во системот преку преципитација (вклучувајќи ги речните текови и подземните води). Пресметките покажуваат дека очекуваните загуби од испарување и карстен истек доволно би се намалиле за да се балансираат со дотокот на вода дури по дополнителен пад на нивото од шест до седум метри. Сепак, ова е најлошото сценарио, кое претпоставува дека истекувањето на водата низ карстот нема значително да се намали додека опаѓа нивото на езерото.
Трн: Што губиме кога се намалува нивото на едно езеро? Освен самата вода, какви се последиците за биодиверзитетот, локалните заедници, земјоделството и регионалната економија?
Тим: Езерата се менувале и во минатото, а заедниците се приспособувале на тие промени. Клучно е како ќе реагираме денес. Можеме дополнително да ја влошиме состојбата, на пример, ако почнеме да го зголемуваме наводнувањето.
За да ја заштитиме биолошката разновидност, треба да ги заштитиме површините што се откриваат околу езерото со опаѓањето на нивото на водата. Таму може да се развијат крајречни шуми и мочуришта, кои ќе станат значајни живеалишта низ кои видовите ќе може да се движат и мигрираат. Истовремено, овие подрачја можат да дејствуваат како природен филтер околу езерото.
На локалните заедници треба да им се помогне да воведат култури со висока пазарна вредност, отпорни на топлина и суша, кои не бараат големи количества вода. Органското сертифицирање може да помогне производите да се продаваат по повисока цена.
Со зголемувањето на температурата на водата и со намалувањето на волуменот на езерото, се зголемуваат и концентрациите на загадувачите, дури и ако нивното вкупно количество не се зголемило. Поради тоа, се зголемува еутрофикацијата ѓто пак доведува до почеста појава на токсични цветања на алгите.
Затоа, најважно е да се заштити квалитетот на водата. Треба да се намали употребата на пестициди и ѓубрива, да се пречистуваат сите отпадни води од населените места и да се преземат мерки за намалување на отпадот што завршува во реките.

Трн: Може ли Јужниот Балкан во иднина да се соочи со сериозна криза со водата за пиење? Кои подрачја се најранливи и колку сме подготвени за такво сценарио?
Tим: Достапноста на водата и нејзиниот недостиг во голема мера зависат од човечката потрошувачка. Земјоделството во просек користи 70 отсто од зафатената вода, индустријата 19 отсто, а домаќинствата 11 отсто. Од шеесеттите години на минатиот век, вкупното користење на водата се зголемило за околу 150 отсто, додека потрошувачката во домаќинствата пораснала за дури 600 отсто!
Дополнителна загриженост предизвикуваат и одредени индустриски трендови. Податочните центри за вештачка интелигенција трошат огромни количества енергија и вода, а истовремено придонесуваат за зголемување на локалните температури, слично на ефектот на урбаниот топлински остров. Вакви центри веќе предизвикуваат пресушување на цели сливни подрачја во САД.
Ако продолжиме со сè поголема експлоатација на водата, додека нејзината достапност се намалува поради климатските промени, последиците ќе бидат далекусежни и драматични.
Од суштинско значење се јасното планирање и воспоставувањето рамки за управување со водата. Сите води – подземните, речните и езерските – треба да се третираат како драгоцен заеднички ресурс. Користењето и зафаќањето на водата треба строго да се регулираат, а правилата доследно да се спроведуваат, за да се обезбеди пристап за сите што зависат од неа: биолошката разновидност, домаќинствата, земјоделството и индустријата.
Не можам да го коментирам степенот на подготвеност во Северна Македонија и поширокиот балкански регион, бидејќи тоа е надвор од мојата област на експертиза.
Трн: Преспанското Езеро го делат Северна Македонија, Албанија и Грција. Може ли едно езеро да се заштити ако секоја земја води различна политика за користење на водата? Што конкретно треба да се промени во прекуграничната соработка?
Tим: Зафаќањето вода од езерата, подземните води и реките треба да биде регулирано во сите земји, во интерес на локалните заедници. Тоа е во национален интерес на секоја од засегнатите држави. Но, кога станува збор за заеднички ресурси, потребни се заеднички договори. Во спротивно, може да се влезе во „трка кон дното“, како што гледаме кај прекумерниот риболов.
Затоа, исклучително важно е да се воспостави заедничка, сеопфатна рамка за користење на водата во сите земји што го делат езерото. Не можам да навлегувам во конкретни аспекти на прекуграничната соработка, бидејќи немам доволно познавања за таа тема.
Трн: Научниците со години предупредуваат за климатските ризици, но уништувањето на екосистемите продолжува. Каде најмногу потфрламе: во политичкото одлучување, спроведувањето на законите или во економскиот модел што ја третира природата како неисцрпен ресурс?
Tим: Добро прашање. Мислам дека, пред сè, најмногу потфрламе во економскиот модел. Тој поттикнува прекумерна експлоатација, прекумерно производство и прекумерна потрошувачка, без да ги земе предвид трошоците од уништувањето и отпадот што ги создава. А политичките одлуки во најголем дел ја следат актуелната економска логика.
Истовремено, климатските промени и уништувањето на екосистемите не се едноставна причинско-последична врска во која едното нужно го предизвикува другото. Тие се последици на нефункционален економски систем што создава огромно загадување на воздухот, водата и почвата, како и уништување на животната средина преку активности како што се уништувањето на шумите, земјоделството, индустријата, па и туризмот. Во оваа рамка, климатските промени се поттикнати од стакленичките гасови и промените во земјишната покривка и користењето на земјиштето, кои произлегуваат од нашиот социоекономски модел.
Трн: Кои се трите најважни мерки што Северна Македонија треба веднаш да ги преземе за да ги намали последиците од сушите и недостигот од вода? Кои од нив може да се спроведат со постојните ресурси, без да се чекаат големи меѓународни проекти?
Tим: Можам да дадам само општ одговор, бидејќи немам доволно информации за состојбата во Северна Македонија.
Дали и колку ќе се намалат последиците од сушите и од недостигот на вода зависи од соодветното планирање, политиките за водите, управувањето со водните ресурси и спроведувањето на правилата. Кој смее да зафаќа вода и да гради брани? Колкаво количество вода може да се зафаќа при различни метеоролошки услови? Кој е минималниот неопходен проток на водата во реките? Ова се само дел од прашањата на кои треба да се даде одговор.
Дополнително, треба да се намали потрошувачката на вода, особено во земјоделството, каде што често се губат големи количества. Тоа може да се постигне со користење современи системи за транспорт на водата без истекување и со наводнување капка по капка. Потребно е да се намали потрошувачката и во индустријата и домаќинствата. Треба да се подобрат и рециклирањето на водата и повторната употреба на таканаречената сива вода – на пример, за користење во тоалетите. Исто така, урбаните отпадни води може да се пречистуваат и потоа да се користат во земјоделството.
Конечно, поради повисоките температури и зголеменото испарување во иднина, од браните и акумулациите ќе се губат многу поголеми количества вода. Затоа треба да се разгледаат попаметни решенија за складирање, како што е внесувањето вода во подземните водоносни слоеви за нејзино складирање.
