Секоја година на 11 октомври светот се сеќава дека има девојчиња. Денот го прогласи Генералното собрание на ОН во декември 2011 година, со Резолуцијата 66/170. Оттогаш, секоја есен добиваме слогани, хаштагови и фотографии на насмеани ученички во униформи. Темата годинава е крај на детските бракови и вложување во правата на девојчињата. Неа ја предложија самите девојчиња, нивните организации и мрежи. Звучи како нешто што требаше да го решиме во минатиот век.
Не сме го решиле.
Да почнеме со бројките, бидејќи без нив сè ова е само емоција.
Околу 650 милиони жени што живеат денес стапиле во брак пред својот 18-ти роденден. Секоја година во детски брак влегуваат уште околу 12 милиони девојчиња. Фондот на ОН за население го пресметал темпото: во просек, на секои три секунди некаде во светот едно девојче станува невеста. Колумнава се чита за околу четири минути. Додека ја прочитате до крај, осумдесетина девојчиња ќе бидат омажени. Не жени, туку девојчиња, кои утредента нема да одат на училиште.
Рамноправност на хартија
Речиси секоја држава на светот ја потпишала Конвенцијата за правата на детето. Речиси секоја има закон што вели дека бракот е за полнолетни. И токму тука е јазот меѓу теоретската рамноправност и практичната нерамноправност. Законот е еден, но животите се различни.
Земете го Нигер. Таму 76 отсто од девојчињата се омажени пред 18 години.На село процентот е 85 отсто, а во градовите 44 отсто. Истата држава, истиот закон, а судбина одредена од тоа дали си родена до асфалт или до бунар. Тоа не е култура, тоа е географија на сиромаштијата. Африканските податоци покажуваат и колку бракот и училиштето се меѓусебно поврзани. Еден експерт на УНИЦЕФ во Етиопија вели дека невеста ретко ќе најдеш во училница. Обратното е уште поточно: кога девојчето ќе излезе од училница, патот до невестинскиот фустан е краток.
Во светот, според извештајот на УНЕСКО од 2025 година, 133 милиони девојчиња сè уште се надвор од училиште. Во земји како Гвинеја и Мали сиромаштијата и руралната изолација остануваат главни пречки, и таму помалку од 20 отсто од девојчињата го завршуваат пониското средно образование.
Изгубени засекогаш
Потоа е Авганистан, место каде што нерамноправноста не е ни скриена. Таа е напишана, потпишана и спроведена. Авганистан останува единствената држава во светот во која на девојчињата и жените формално им е забрането средното и високото образование. Средните училишта за девојчињата беа затворени во март 2022 година, а во декември истата година на жените им беше забрането и да студираат.
Замислете некаде во Кабул, девојче на 14 години нема да оди на училиште. Не затоа што е болно, туку затоа што од денеска е нечија сопруга. Во нејзиното соседство, шеснаесетгодишна девојка ги чува старите учебници под креветот, бидејќи повеќе не смее да влезе во училница
Ниедна од нив нема да стане вест.
Извештајот на УНЕСКО
УНЕСКО во август објави дека околу 2,4 милиони девојчиња се исклучени од средно образование. Бројот за една година пораснал за 200.000 и до 2030 година може да стигне речиси четири милиони. Најболната бројка е друга. До 2021 година, во средно училиште биле запишани речиси еден милион авганистански девојчиња. Во 2001 година пристапот бил крајно ограничен. Две децении напредок се избришани со една одлука.
Затоа зборувам за изгубени можности, а не за одложени. Девојчето што имало дванаесет години во 2022 година денес има шеснаесет или седумнаесет. Од УНЕСКО велат дека е изгубен речиси цел циклус на средно образование. Тоа не се надокнадува со вонреден рок кога режимот ќе се смилува. Тоа детство нема повторно да го живее. Последиците се мерат и во пари, ако на некого така му е полесно: забраната може да ги чини Авганистанците 9,6 милијарди долари загубен приход и да го зголеми ризикот од рани бракови. Кон 2030 година во земјата ќе недостасуваат повеќе од 11.000 квалификувани наставнички. Една забрана создава уште една. Нема наставнички, па нема ни кој да ги учи следните девојчиња.
А кај нас?
Удобно е овие приказни да ги читаме како туѓи, од далечни карти. Ама не се туѓи, уште помалку далечни.
Законскиот праг за брак во Македонија е 18 години, но со одобрение од суд децата можат да стапат во брак и на 16. Исклучокот што на хартија изгледа безопасно, во живот станува врата. На пописот во 2021 година, 1.355 девојчиња на возраст од 15 до 19 години изјавиле дека се мажени. Анализата на „Ла Страда“ од 2025 година покажува дека присилните бракови најчесто се склучуваат меѓу девојчиња на возраст од 9 до 17 години и најчесто се регистрирани во Скопје, Велес, Тетово, Куманово и Гостивар. Најзасегнати се девојчињата од ромската заедница и Јуруците. Девет години. .
Европската комисија во последниот извештај забележа дека кај нас не постојат систематски мерки за спречување на осипувањето, за поддршка на децата што го напуштаат образованието и за целосно спроведување на задолжителното образование.
Девојче што исчезнува од клупата, институција што не го бара, брак што никој не го пријавува, не е традиција. Тоа е систем што гледа на друга страна.
Тука е и изборот што го направивме ние, со добри намери и полни уста за „вредности“. Сеопфатното сексуално образование го повлековме од училиштата. Во исто време, само две третини од земјите во светот го имаат како задолжително во основното образование. Наместо да бидеме меѓу нив, избравме да зачекориме наназад. Девојче што не знае што е согласност, што е насилство и што е нејзиното тело полесно станува нечија невеста, жртва или статистика
Што им должиме?
Им должиме на нашите ќерки повеќе од честитка на 11 октомври и повеќе од уште еден хаштаг што ќе го споделиме меѓу кафето и следната обврска.
Им должиме непрекинато образование, без исклучоци „со одобрение од суд“. Им должиме знаење за сопственото тело, наместо срам. Им должиме институции што ќе ги бараат кога ќе исчезнат од училница, а не кога ќе станат вест. Им должиме безбедна улица.
И им должиме нешто што звучи најмалку, а е најтешко: право да бидат деца. Да згрешат, да се досадуваат, да се предомислат и да одлучат за себе тогаш кога ќе бидат подготвени, а не кога некој друг ќе пресмета дека е време.
Детството минува брзо, дури и кога е заштитено. Милиони девојчиња го немаат ни тоа малку време. Светот што им го ветивме на хартија постои, само уште не сме успеале да им го испорачаме. Секоја од нив е нечија ќерка. Значи и наша.
За милиони девојчиња детство не завршува, туку им се одзема. И не, не верувам дека е тоа судбина. Судбината е удобен збор за одлуки што некој друг ги донел. Детските бракови се одлука. Забраната за училиште е одлука. Тишината на институциите е одлука. И секоја одлука може да се смени.