Полека се ближи крајот на август. Денот станува пократок, небото добива потопла боја, ветерот дува поинаку. Летото заминува споро. Воздухот сè уште мириса на сол додека телото ги впива последните летни сончеви зраци.
Отсекогаш го сакав вечното лето. Долгите топли денови, раните изгрејсонца, солта по телото, босите стапала и долгите зајдисонца. Денот кој не сака да замине и долгите, топли летни ноќи, темни, полни со ѕвезди. Вкусот на зрели смокви и вечното недостасување. Тишината…
Додека август повторно ни се измолкнува низ прстите, останува чувството дека не сме стигнале доволно да го проживееме.

Минатата година островот беше бегство. Годинава е враќање. Некои места никогаш не ги напуштаме сосема, само живеат во нас. Островот годинава не ми ја дава тишината на летото и мирот кој го посакувам, туку само ме потсетува дека тие веќе живеат во мене, дури и кога сум некаде каде што нема море, каде што асфалтот се лепи под нозете.
И повторно одново му се враќам затоа што ме повикува магијата на животот на малото место. Филозофијата на „помало“ или „поплека“. Живот кој движи пополека и чиј ритам зависи од ветровите кои дуваат од копното и кон морето. Одново избирам да бидам таа верзија од себе..
Утрото започнува со кафе, испиено бавно, без брзање, а вечерите завршуваат со чаша вино. Над нас небото се полни со ѕвезди, а Персеидите минуваат тивко, како светли потсетници дека времето никогаш не стои. Под истото небо ги има оние што се тука и оние што засекогаш заминале. Генерациите што се менуваат и природата која останува речиси иста. Боровите, маслините, морето. И каменот што го носи мирисот на секој изминат август. Можеби затоа на островите времето изгледа поинаку. Не затоа што навистина стои, туку затоа што има што да го измери. Морето е исто. Боровите се исти. Каменот е ист. Само ние доаѓаме секоја година малку поинакви.

А потоа доаѓа зајдисонцето. Оној тивок дел од денот кога сонцето полека се спушта кон морето, оставајќи зад себе златна трага. Мириса на лето, на сол и на мокра коса, на кожа загреана од сонцето. Белите чаршафи се сушат на августовското сонце…
Можеби токму затоа островот не старее. Старееме ние. Се менуваат лицата на терасите, децата стануваат возрасни, некои столчиња остануваат празни, некои гласови веќе не се слушаат. А морето и понатаму се разбранува на истото место… И во таа непроменливост има нешто што личи на вечност.
И затоа секогаш му се враќаме. Не за да го најдеме истото лето, тоа одамна, не постои. Се враќаме за да го сретнеме оној дел од себе кој сме го оставиле таму. И домот. Секогаш домот. Утринското кафе испиено без да погледнеме во часовникот. Звукот на морето зад отворениот прозорец. Допирот на оние кои ги сакаме. Мирисот на смокви, топлиот камен и ноќното небо полно со ѕвезди. Камените куќи и тесните улички.

Годинава избирам да ја понесам топлината на летото во џебот со себе во градот кој не запира. Домот се луѓето, но и она мало, тивко место во мене кое веќе никаде не останува, дури и кога јас заминувам. Можеби тоа е она што ми го даде островот минатата година, а годинава само ми го врати назад. Не тишината. Не морето. Не бегството. Туку сознанието дека не мора постојано да заминуваме за да се пронајдеме. И дека не мора да останеме за да припаѓаме.
Летото се ближи кон крајот. Полека ги пакувам куферите со облека која мириса на топол летен воздух, на сол, на сонце. Овојпат не си заминувам празна. Го носам островот со себе. Во мирисот на кожата, во солта што уште ја чувствувам на усните. Во тишината што научив дека не мора да ја барам.

Веќе не бегам кон островот. Заминувам полека од уште едно лето.
Кога ќе дојде есента, нема да ми недосасува летото туку само онаа верзија од мене која секое лето повторно ја среќавам. А сега знам каде живее. Во мене. И можеби токму затоа, островот не го напуштам никогаш.
