Кршењето чинии и удирањето боксерска вреќа не ја празнат нервозата, туку дополнително го потхрануваат бесот. Обемен научен преглед објавен во списанието „Clinical Psychology Review“ покажува дека популарната теорија за исфрлање на бесот нема упориште во реалноста. Истражувачите од Државниот универзитет во Охајо, анализирајќи повеќе од 150 студии, утврдија дека вистинскиот клуч за надминување на лутината лежи исклучиво во активностите што ја намалуваат телесната возбуденост, како длабокото дишење и мускулната релаксација.
Идејата дека бесот треба да се испушти како пареа од експрес-лонец е широко прифатена, но научно неодржлива. Тим предводен од комуниколозите Софи Кјервик и Бред Бушман анализираше податоци од 154 истражувања со вкупно 10.189 учесници од различна возраст, пол и потекло. Нивниот труд покажа дека изразувањето гнев не само што не помага, туку често создава спротивен ефект.
„Сакав да ја оспорам целата теорија според која вентилирањето на бесот е начин да се справиме со него“, изјави главната авторка Софи Кјервик од Универзитетот „Вирџинија комонвелт“. Поводот за анализата делумно произлезе токму од популарноста на таканаречените „соби за бес“, комерцијални простори каде луѓето плаќаат за да кршат предмети верувајќи дека така ќе се испразнат.
Според истражувачите, секое минливо олеснување што се чувствува по агресивен чин не претставува решение, туку може само дополнително да ја поттикне агресијата при следниот сличен настан.
Анализата се потпира врз познатата Шахтер-Сингерова теорија, според која секоја емоција се состои од ментален процес и физиолошка реакција на телото. Додека стандардните психолошки терапии главно се насочени кон промена на мисловните обрасци, научниците овојпат мереа што се случува кога директно се менува телесната возбуденост.
Податоците откриваат дека активностите кои го креваат пулсот и адреналинот, како боксот, возењето велосипед и особено трчањето, речиси воопшто не го намалуваат бесот.
„За намалување на бесот потребно е да се практикуваат активности што го намалуваат нивото на физиолошка возбуденост“, рече Бред Бушман, професор на Универзитетот во Охајо. Тој појасни дека трчањето е одлично за срцето, но во моменти на лутина делува контрапродуктивно токму поради високиот степен на телесна загреаност.
Исклучок кај физичките напори се покажаа тимските спортови со топка. Научниците забележале дека игровната компонента внесува забава и го пренасочува вниманието, со што се намалува напнатоста.
Наспроти агресивните методи, техниките што го забавуваат телото покажале доследен успех и во лабораторија и во секојдневни околности. Истражувачите регистрирале значаен пад на бесот кај испитаниците кои практикувале прогресивно мускулно опуштање, свесно внимание, бавна јога, дијафрагмално дишење или најобично земање пауза.
Овие едноставни методи не бараат посета на терапевт. Правењето кратка пауза за дишење или броењето до десет директно го намалуваат стресот во нервниот систем и ја неутрализираат физиолошката основа врз која се храни бесот.