Лекари, професорка, политиколози и уметник: Кои се новите потпретседатели на српскиот парламент?

Шест претставници на студентската листа се избрани за потпретседатели на Народното собрание на Србија. Меѓу нив има лекари, универзитетска професорка, политиколози и академски сликар, а нов генерален секретар на парламентот е Мирјана Радаковиќ.
epa13331780 Ilija Srdanovic (C), lead candidate of the 'Student List', celebrates after the parliamentary elections in Belgrade, Serbia, 25 October 2026. Approximately 6.5 million eligible voters were called to the polls to elect lawmakers for a four-year term. EPA/ANDREJ CUKIC

Во новото раководство на Народното собрание на Србија има лекари, универзитетска професорка, политиколози и академски сликар. Шест кандидати од студентската листа беа избрани за потпретседатели на парламентот, додека за генерален секретар е именувана Мирјана Радаковиќ, која има долгогодишно искуство во работата на законодавните и државните институции. Изборот следува по именувањето на Александар Чупиќ за претседател на парламентот, кој во четвртокот доби поддршка од 140 пратеници. Шесте потпретседатели беа избрани во текот на истата седница, околу полноќ.

На функциите се избрани Јелена Петровиќ, Лидија Димитријевиќ, Марија Бјелобрк, Сара Валентик, Тибор Лазар и Адем Мавриќ. Сите добија по 136 гласа, освен Мавриќ, кој доби 137, благодарение на поддршката од Усамe Зукорлиќ, претставник на малцинската листа „Движење за обединување“.

Студентската листа одлучи сите шест потпретседателски места да ги пополни со свои кандидати. Така, ниту едно место не добија пратениците од групата „Александар Вучиќ – Србија победува“, ниту претставниците на петте малцински листи во актуелниот состав на парламентот.

Кои се новите потпретседатели?

Јелена Петровиќ – лекарка и ендокринолог

Јелена Петровиќ е родена на 10 јули 1974 година во Крагуевац, каде што ги завршила основното образование и гимназијата. Медицинскиот факултет го завршила во 1999 година, специјализацијата по интерна медицина во 2005, а потесната специјализација по ендокринологија во 2017 година.

Од 2005 година работи во Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички заболувања при Универзитетскиот клинички центар во Крагуевац, каде што моментално е помошник-раководител на клиниката. Учествувала и како коистражувач во бројни клинички истражувања.

Лидија Димитријевиќ – универзитетска професорка

Професорката доктор Лидија Димитријевиќ е родена на 26 март 1966 година во Ниш, каде што живее и работи. Медицинскиот факултет го завршила во 1990 година, специјализацијата по физикална медицина и рехабилитација во 1996, а супспецијализацијата по детска физијатрија во 2018 година. Магистрирала во 1993, а докторирала во 2001 година.

Од 1996 година работи на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација при Универзитетскиот клинички центар во Ниш. Од 2017 година е редовна професорка на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Ниш. Членка е на домашни и меѓународни стручни здруженија, национална координаторка на Европската академија за детска попреченост (EACD) за Србија и авторка и коавторка на бројни научни и стручни трудови.

Марија Бјелобрк – кардиолог

Докторката Марија Бјелобрк е родена на 20 јануари 1976 година во Нови Сад, каде што ги завршила основното и средното образование. Медицинскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад го завршила во 2001 година, специјализацијата по интерна медицина во 2008, а потесната специјализација по кардиологија во 2014 година.

Од 2004 година работи во Институтот за кардиоваскуларни заболувања на Војводина, во Сремска Каменица, на Клиниката за кардиологија. Од 2015 година е ангажирана и во наставата на Медицинскиот факултет во Нови Сад, каде што од 2016 година е во звање асистентка.

Сара Валентик – политиколог и активистка за земјоделците

Сара Валентик е родена на 9 декември 2000 година во Нови Сад, а живее во Бачки Петровац. Завршила магистерски студии по политички науки на Универзитетот „Матеј Бел“ во Банска Бистрица, каде што се занимавала со положбата на словачкото национално малцинство во Србија и со српско-словачката соработка.

Активна е во Иницијативата за опстанок на земјоделците на Србија (ИЗОПС), преку која се залага за заштита на правата на земјоделците и подобрување на положбата на младите во руралните средини. Нејзини интереси се земјоделството, човековите и малцинските права, како и зачувувањето на јазикот, културата и идентитетот на словачкото малцинство во Србија.

Зборува словачки, српски, англиски и француски јазик.

Тибор Лазар – академски сликар

Тибор Лазар е академски сликар и магистер по ликовни уметности, роден во 1980 година во Бечеј, а живее и создава во Сента. Завршил основни и магистерски студии по сликарство на Академијата за уметности при Универзитетот во Нови Сад, а стручно се усовршувал и на кантоналната уметничка академија во Вале, Швајцарија.

Покрај уметничкото творештво, работи и како наставник во гимназија. Неговите дела се изложувани на домашната и меѓународната уметничка сцена. Учествувал во меѓународната резиденцијална програма ГЛО’АРТ во Белгија и двапати ја претставувал Србија на изложбата НордАрт во Германија.

Во своето јавно делување се залага за културата, образованието и подобрување на положбата на националните малцинства.

Адем Мавриќ – политиколог и дипломатски соработник

Адем Мавриќ е роден во 1997 година во Нови Пазар, каде што и израснал. Студирал меѓународни односи на Факултетот за политички науки при Универзитетот Сакарија во Турција, каде што се образувал со стипендија.

За време на петгодишните студии се фокусирал на дипломатијата и решавањето конфликти, а истовремено работел во компанија за меѓународна продажба и логистика. Бил и потпретседател на Балканската студентска организација.

По дипломирањето работел на дипломатски проекти, каде што стекнал практично искуство во меѓународните односи и дипломатијата.

Мирјана Радаковиќ – новата генерална секретарка на парламентот

За генерална секретарка на Народното собрание е избрана Мирјана Радаковиќ, која дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот во Белград во 1987 година.

Професионалната кариера ја изградила во Сојузното собрание, Народното собрание на Србија и Уставниот суд, каде што работела на стручни и раководни позиции во областа на законодавството и уставноста.

Од 2006 до 2016 година била помошничка на генералниот секретар на Народното собрание и раководителка на секторот за законодавство, а од 2017 до 2025 година работела како советничка во Уставниот суд.

Учествувала во изработката на бројни значајни закони, собраниски акти и прописи, меѓу кои и Законот за Народното собрание и Единствените методолошки правила за изработка на прописи. Се занимавала и со стручна и научна работа во областа на парламентарната практика, законодавството и контролната функција на парламентот, како и со едукација на пратеници, студенти и претставници на државни институции.

Новото раководство пред предизвикот на парламентарното искуство

Никола Буразер, директор на Центарот за современи политики, оценува дека одлуката на студентската листа да ги пополни сите потпретседателски места со свои кандидати е разбирлива во актуелните политички околности. Според него, досегашната опозиција претставува политичка структура на поранешниот авторитарен режим, а нејзиното однесување во последните недели не било конструктивно. Студентското движење, од друга страна, произлегло од барањата за промена на целиот систем, поради што, според Буразер, е разбирлива неподготвеноста за компромиси со досегашните политички актери.

Иако парламентарната практика досега подразбирала потпретседателски места и за опозицијата, тој смета дека одлуката не треба да се драматизира и дека постои простор таа да се промени кога политичката ситуација ќе се стабилизира. Изборот на претставници на националните малцинства од студентската листа, според него, претставува нова практика во политичките околности во кои една немалцинска листа добила значителна поддршка и во средини со мнозинско малцинско население.

Буразер смета дека функцијата потпретседател на парламентот има повеќе симболичко отколку суштинско значење, но дека досегашното претседавање на Александар Чупиќ дава причина за оптимизам.

„Се чини дека постои намера седниците да се водат поинаку од порано и претседателот на парламентот да биде неутрален арбитер, кој еднакво ќе постапува кон претставниците на власта и опозицијата“, оценува тој.


Сепак, новото парламентарно раководство и мнозинството пратеници од студентската листа немаат претходно искуство во парламентарната работа. Од друга страна, опозицијата е искусна и, според Буразер, ќе знае да го искористи секој простор за да го отежне нивното функционирање.За новото раководство ќе биде потребно време за учење и приспособување, а конечната оценка за најавените промени ќе може да се даде по неколку месеци, кога ќе стане јасно дали новата политичка и парламентарна култура ќе се спроведе и во практиката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс