На граничниот премин Ќафасан од денеска почнува да се применува интегрираниот граничен систем „One Stop Shop“, односно едношалтерска гранична контрола. Со новиот модел патниците, возилата и стоката ќе поминуваат низ заедничка контрола на едно место, наместо да запираат двапати – на излезната и на влезната страна од границата.
Системот треба да го забрза граничното преминување и да ги намали метежите, особено во периодите на зголемен сообраќај и туристички патувања. Сличен модел веќе се применува на граничниот премин Табановце – Прешево, меѓу Северна Македонија и Србија.
На официјалното пуштање во употреба на системот на Ќафасан ќе присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Албанија, Еди Рама.
Воведувањето на едношалтерската контрола е дел од напорите за поедноставување на граничните процедури и олеснување на движењето на патниците и стоката меѓу двете соседни земји.
