Пред две недели Богданци ја погреба Билјана. Имаше 17 години. Наместо на матурска, другарките ѝ однесоа цвеќе на гробиштата во Гевгелија. Претходно пријавила физичко насилство и закани по живот од своето 21-годишно момче, а нешто повеќе од еден месец подоцна беше пронајдена мртва во опожарен автомобил. Тој имал судска забрана да ѝ се приближува, која му била доставена на 19 октомври. Две седмици подоцна, Билјана беше мртва.
Не мина ни половина месец, а се случи Охрид. Според информациите, 31-годишник ја тепал својата 26-годишна девојка сè додека не паднала во несвест, а потоа ја исфрлил од автомобилот и ја оставил на улица пред маркет. Сара е жива. За Сара тоа не е среќа туку случајност. Првичната пријава против него е за „тешка телесна повреда“, а не за обид за убиство.
Да престанеме да ги нарекуваме ова „трагедии“. Трагедија е кога ќе удри гром. Ова се кривични дела со најавени сторители, со претходни пријави и со мерки што постојат на хартија. По нив, институциите утврдуваат дека „немало пропусти“. Така беше и во случајот со Билјана: вонредниот инспекциски надзор во Центарот за социјална работа не утврдил пропусти. Ако нема пропуст, а девојката е мртва, тогаш пропуст е самиот систем.
Но да не се лажеме дека сè е во институциите. Билјана и Сара се видливиот врв на една секојдневица што ја живеат нашите деца: тепачки пред училиште снимени за лајкови, малтретирање во групите на социјалните мрежи, „шеги“ на сметка на девојчињата, момци што им ги проверуваат телефоните на девојките и тоа го нарекуваат љубов. Врсничкото, родовото и партнерското насилство не се три различни проблеми. Тоа е еден ист проблем во три фази на растење.
Кога контролата се вика љубов
Насилството не започнува со удар. Започнува со „каде си?“, „кој ти пиша?“, „не облекувај се така“. Младите жени во истражувањето на ОБСЕ кажуваат дека контролата и љубомората често се маскираат како „љубов“ или „грижа“, па многу девојки не ги препознаваат како насилство. Ако на 15 години научиш дека тоа е грижа, на 17 нема да знаеш кога да избегаш.
Првиот модел на врска детето го гледа дома. Младите во истражувањето на UN Women велат дека родовите улоги најпрво се учат во семејството, а потоа се зацврстуваат во училиштата. Кога момчето израснува таму каде таткото „одлучува“, а мајката „трпи за мир во куќата“, не учи вредности, туку хиерархија. Кога девојчето слуша „машко е, така си е“ и „не го предизвикувај“, учи дека насилството е временска непогода, а не нечија одлука. А ние, возрасните, сме тие што велиме „не мешај се, нивна работа е“. Семејството што молчи не ги штити децата. Го штити насилникот.
Празнината ја пополнуваат телефонот, улицата…
Училиштето е единственото место каде секое дете, од кој било дом, може да научи што е согласност, што е контрола и што е љубов. Наместо тоа, државата ги брише тие теми. Со измените на законите за основно образование и за учебници во 2025 година се избришаа темите за сексуално и репродуктивно здравје и родова еднаквост, без консултации со младите и со струката.
Празнината не останува празна. Ја пополнуваат Ендру Тејт и цела индустрија „маскулинистички“ инфлуенсери кои на осамените и бесни момчиња им продаваат едноставна приказна: жената е сопственост, емоцијата е слабост, контролата е машкост. Една американска студија покажа дека момчињата што ги следат овие личности почесто веруваат дека мажите треба да ги кријат емоциите и да бидат доминантни. Во Британија наставниците пријавуваат десетгодишни момчиња кои одбиваат да зборуваат со наставничката затоа што „го следат Тејт“. Нашите млади, запрашани од UN Women, сами ги посочиле како лошо влијание врз момчињата — од отворената мизогинија на Тејт до конзервативните родови хиерархии на Питерсон. Тејт не е единствената причина, но е учител што никој не го вработил, а сите го примивме.
Кој застапува молчење?
Наместо одговор, имаме паника. Во септември 2026, по отвореното писмо на епископот Стобиски Јаков, Министерството за образование и наука ја повлече програмата за изборниот предмет за сексуално образование и најави темелна ревизија. Тоа беше објаснето како барање „на јавноста“.
Која јавност? Не младите, кои ги закопуваат своите врсници. Не наставниците. Тоа е јавноста на трибините, како онаа на фондацијата „Елеуса“ на МПЦ во Струмица, насловена „Зошто Не за сексуалното образование во училиштата“.
Конзервативните групи велат дека го бранат детството. Нека објаснат тогаш од што точно. Од тоа децата да научат дека „не“ значи не? Дека љубомората не е љубов? Дека насилството може да се пријави, и каде? Сеопфатното сексуално образование не е идеологија. Тоа е превенција. Секоја година во која го одложуваме е уште една генерација што за врските учи од Тејт, а не од училиштето. Нема ништо христијанско во тишина што ја чини девојката животот.
Ќутат затоа што не веруваат
Нашите млади ќутат. Од младите жени што доживеале или виделе родово насилство, 89% не го пријавиле. Главните причини се страв, недоверба во институциите и срам. Тоа не е нивен неуспех, туку наш. Не веруваат дека некој ќе ги заштити, и Богданци им покажа дека се во право.
Затоа барањата не смеат да останат на протестите. Мерките за заштита мора да се следат, вклучително и со електронски нараквици, а обвинителството мора да реагира по првата пријава, а не по погребот. Квалификацијата на делото мора да одговара на намерата, зашто тоа што жената останала жива не значи дека никој не сакал да ја убие. Секоја институција што знаела, а не реагирала, мора јавно да одговара. Образованието за здрави врски и согласност мора да влезе во секое училиште, без пазарење со оние што тоа го нарекуваат „идеологија“. А во Охрид пред законот не смее да има привилегирани презимиња.
Да се освестиме. Следната Билјана веќе седи во некоја клупа. Нејзиниот следен насилник веќе ѝ пишува „каде си?“, а тоа го научил од риловите, од улицата, од дома… И? Ќе оставиме ова да продолжи?

