Две недели откако Народната банка воведе привремена администрација во битолската Алта банка, клиентите сè уште имаат прашања за тоа што значи оваа мерка за нивните пари. Централната банка уште од првиот ден ја повторува истата порака: привремената администрација е со времетраење од три месеци и е воведена на 1 ноември поради случувањата поврзани со мнозинскиот сопственик од Србија, на кого Народната банка на Србија му ја одзеде дозволата за работа.
Народната банка нагласува дека мерката не значи затворање на банката, ниту, пак, активирање на исплатата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити. Парите остануваат на сметките, но нивното повлекување е привремено ограничено за да се спречи нагло и масовно повлекување на средствата и нарушување на ликвидноста на банката. Колкава била опасноста од такво сценарио покажува податокот што централната банка го соопшти уште на почетокот: во деновите пред воведувањето на мерката од банката биле повлечени околу два милиони евра.
Првично, лимитот беше строг: физичките лица имаа неделен лимит од 10.000 денари. Една недела подоцна правилата беа ублажени. Од 9 ноември неделниот лимит за подигање готовина од банкомат и за плаќање со картичка во продавници изнесува 15.000 денари. Клиентите без платежна картичка можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели на шалтерите во Тетово и Струмица, додека претходно тоа беше можно само во Битола.
Најважната промена се однесува на луѓето чии примања се исплаќаат на сметки во оваа банка. Платите, пензиите и социјалните трансфери може да се подигнат без ограничување на износот доколку институцијата или фирмата што ги исплаќа има сметка во друга банка. Ова правило не важи автоматски за заштедите и за средствата што веќе се наоѓале на сметките пред воведувањето на мерките. За нив и натаму важи неделниот лимит.
Дел од ограничувањата остануваат во сила. Плаќањата во странство се привремено ограничени и за граѓаните и за фирмите, додека приливите од странство и понатаму пристигнуваат преку SEPA и кореспондентските банки. Фирмите можат да префрлаат средства во рамките на банката, но не и на сметки во други банки. Мобилното и електронското банкарство повторно функционираат, но засега овозможуваат само увид во состојбата на сметките.
Една обврска не се менува: корисниците на кредити треба и натаму редовно да ги плаќаат месечните рати. Доцнењето со уплатата носи камата и негативни последици за кредитното досие, без оглед на тоа што банката е под привремена администрација.
За штедачите најважно е што штедните влогови на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување депозити до износ од 30.000 евра. Сепак, оваа гаранција засега не е активирана бидејќи банката не е во стечај и сè уште има дозвола за работа. Фондот би започнал со исплата на осигурените депозити само доколку банката престане да работи во услови предвидени со закон. Гувернерот Трајко Славески во меѓувреме изјави дека Алта банка Битола е ликвидна и дека трансакциите кон Србија биле дел од редовното работење.
Интересна е споредбата со Србија, каде што приказната доби сосема поинаков тек. Таму банката-мајка заврши во стечај, а штедачите на Алта банка Белград од 13 ноември можат да ги подигнуваат осигурените депозити преку Банка Поштанска штедионица. Осигурените влогови се гарантирани до 50.000 евра по депонент, а рокот за поднесување барања е до 3 ноември 2029 година.
Во Македонија, битолската банка продолжува да работи, а нејзините клиенти засега се соочуваат со ограничувања, но не и со стечајна постапка. Народната банка најави дека редовно ќе ги соопштува сите понатамошни промени. До истекот на тримесечниот период на привремена администрација, граѓаните треба да се информираат преку официјалните соопштенија на Народната банка и на самата банка.
