Време е Џен Зи да преземат водство

Без сожалување и без политичко-манипулативна козметика: старите елити мора да ја спуштат суетата и да им станат логистика на Џен Зи, пред притисокот да заврши со социјална експлозија која нема да биде ,,по наш терк”.

Постои еден тектонски, длабок јаз меѓу Џен Зи (Gen Z) и нас, повозрасните генерации. И тоа е веројатно најголемиот јаз меѓу кои било две генерации во поновата историја. И да не се лажеме, тие (Џен Зи) свесно нè држат на дистанца. Имаат своја автентична приказна, свој код и свој ритам и воопшто не брзаат да ги споделат со нас. Зошто? Затоа што се плашат дека сè што ќе ни го дадат на увид, ние ќе го извалкаме, ќе го ставиме во застарени калапи, ќе го токсифицираме. И, колку и да боли суетата, мора да признаеме: веројатно се сосема во право.

Светот денес се менува со најголемата брзина досега, а ние повозрасните стоиме пред суров, бинарен избор. Или ќе ја спуштиме ароганцијата, ќе разбереме како дишат Џен Зи и ќе им се приклучиме како поддржувачи (не тутори) и сојузници, или тие едноставно ќе заминат напред без нас. Ако ја избереме втората опција, ќе останеме да чмаеме во сопствената осаменост и во онаа патетична фрустрација наречена „ги жалам младиве“. А тие упорно ни порачуваат дека немаат никаква потреба од нашето сожалување, ниту од нашето „животно искуство“. Оти, реално, што ќе им се старите да им солат памет, кога нивниот личен ВИ-агент многу побрзо и попрецизно ќе им каже и што мислат старите, и од каде потекнува таа нивна предрасуда, и зошто таа логика е погрешна?

Новата матрица? Креативен, но едноставен хаос и крај на „8 до 16“

Ако сакате да видите како изгледа светот на Џен Зи без да читате социолошки студии, прошетајте низ малите, локални креативни кафулиња низ Скопје и другите градови и низ слични социјални места што денес ги водат млади луѓе. Сведени се на минималистичка креативност. Таму нема балкански кич, нема гласна парада за докажување статус, нема потреба од лажен сјај. Тоа се функционални, чисти катчиња за социјализација, размена на идеи и работа.

Оваа генерација пие помалку алкохол, а многу повеќе креира. За повозрасните менаџери и политичари тие често изгледаат „неорганизирано“ и “конфузно” затоа што го немаат оној стар прецизен, бирократски менаџмент „од 8 до 16 часот“. Но, вистината е дека „8 до 16“ е стара, индустриска матрица што веќе умира. Новата матрица нема фиксно работно време. Таа функционира на инспирација, на проект, на фокус и на слобода, а токму таа флексибилност ја храни Џен Зи креативноста. Во свет каде вештачката интелигенција е секојдневна алатка за работа и учење, авторитетот на годините повеќе не постои по автоматизам. Кој не го разбира ова, веќе живее во минатото.

Вакуумот меѓу „партиска козметика“ и глобален бунт

Истиот тој судир на светови најбрутално се гледа во политиката. Младите не се пасивна публика на која треба да ѝ „објаснуваме“ како стојат работите, ниту пак ќе ги придобиеме ако им зборуваме со вештачки сленг. На младите им треба вистинска моќ. Да бидат автори, соговорници и носители на одлуки за темите што директно им го кројат животот: домувањето, првата работа, менталното здравје, чистиот воздух и јавниот простор.

Кога политичките елити наместо вистински простор им нудат само празни пароли, добивате резултати како во неодамнешната анкета на Рацин.мк. На прашањето дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската сцена, дури 42 отсто од испитаниците одговорија дека нема да има никаков ефект бидејќи нашите млади веќе се спремаат да се иселат. Уште попоразителен е вториот најчест одговор: 23 отсто сметаат дека домашните партии ќе одговорат само со „партиска козметика“, измислувајќи свои фиктивни „студентски крила“ за да го скротат бранот. Ете зошто Џен Зи си ја чуваат приказната подалеку од старите организациски и политички форми – однапред го читаат ризикот од манипулација.

Но, оние што мислат дека оваа генерација е аполитична, прават фатална грешка. Во последниве две години сведочиме на глобален бран на Џен Зи протести. Од Бангладеш и Кенија, преку Непал (каде младите урнаа корумпиран систем и цензура на социјалните мрежи), па сè до Мароко, Мадагаскар, Бугарија и Албанија. Оваа генерација покажа дека има нулта толеранција за корупција, ароганција и аналогно владеење. А најсилниот доказ ни е пред очи, во соседството: српските студенти. Почнаа со блокади и хоризонтална комуникација без „стари лидери“, ги издржаа сите притисоци и на крајот политички го поразија режимот, докажувајќи дека не се само генерација што протестира, туку генерација што умее да се организира и да победи.

Ново водство: Зи се мејнстрим, а Алфа и Бета веќе тропаат на врата

Повозрасните политички и општествени структури мора итно да се ослободат од илузијата дека Џен Зи се некаква „минлива младешка фаза“ или маргинална група што допрва треба да порасне. Џен Зи веќе стануваат општествен мејнстрим и од тоа бегање нема. Дел од нив веќе успешно водат технолошки компании, креативни студија, медиумски формати и граѓански иницијативи.

Истовремено, додека “постарите и помудрите” уште се мачат да сфатат како функционираат Џен Зи, времето не стои. Зад нив веќе растат генерациите Алфа и Бета, вистински дигитални и ВИ-домородци, родени во свет без аналогни сеќавања. Многу побрзо отколку што мислиме, тие ќе им се приклучат на Зи. Тоа значи дека овој нов вредносен и комуникациски код е трајната реалност на нашето општество. Колку поскоро им отвориме простор на Џен Зи да преземат под свое водство поголем дел од општествените текови, толку побрзо оние 18 отсто од анкетата на Рацин.мк (кои веруваат дека политиката не е резервирана само за „старите играчи“) ќе станат мнозинство што ќе ја извлече државата од живата кал.

Кај нас старите елити се лажат дека младите се пасивни само затоа што не им викаат под прозорец. Но, нивната дистанца и пакувањето куфери не се знак на согласност – тие се само тишина пред бура

Најопасното сценарио за една држава е кога повозрасните елити упорно продолжуваат да ја водат по стари правила, во момент кога Џен Зи веќе стануваат општествен мејнстрим. Не можеш да управуваш со 21-от век користејќи прирачници од 20-от век.

Притисокот во затворен сад има само еден исход. Во еден момент, нетрпението неизбежно ќе доведе до социјална експлозија, до голем конфликт, судир и немир каков што веќе видовме на улиците низ светот и во регионот. Затоа, отворањето на вратите и предавањето на водството на Џен Зи не е прашање на наша љубезност, великодушност или политички маркетинг. Тоа е прашање на демократски опстанок и здрав разум.


*** Времето на старите матрици истече. Ние, повозрасните, имаме уште малку време да избереме дали ќе бидеме паметни сојузници и логистика на новата генерација, или ќе останеме заробени во сопствената суета додека новата историја се пишува со поглед кон иднината. Квалитетот, креативноста и енергијата се веќе на страната на Џен Зи. Крајно време е Џен Зи да преземат водство.

Авторот е сепцијалист за комуникации и медиуми

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс