На 10 ноември, во Музејот на современата уметност – Скопје, беше отворена изложбата „Првите. Жените меѓу мажите“, која преку околу 150 дела го враќа вниманието кон повеќе од 40 уметнички што ја создавале македонската модерна уметност, но чии имиња и творештво останале недоволно видливи во нејзината историја.
Изложбата не е само обид да се надополни испуштеното поглавје од историјата на уметноста, туку и да се преиспита начинот на кој таа историја се пишувала: кој бил препознаен како автор, чии дела влегле во музејските колекции и кои имиња станале дел од уметничкиот канон. Зад сликите, скулптурите, цртежите и таписериите стојат жени чии професионални патишта се развивале во општество во кое пристапот до образование и јавен живот не значел нужно и еднакви можности за уметничка афирмација.
Со кураторката Ивана Васева разговараме за причините поради кои овие авторки останале на маргините на уметничката историја, за нивните меѓусебни врски, соработки и форми на поддршка, но и за одговорноста на културните институции денес. Зашто, откривањето на жените што биле меѓу првите не е само враќање кон минатото, туку и прашање за тоа каква историја на уметноста сакаме да градиме отсега.
Трн: Изложбата обединува повеќе од 40 уметнички. Многу од нив денес ѝ се малку познати на пошироката јавност. Како жените што ја создавале македонската модерна уметност станале толку слабо застапени во нејзината историја?
Ивана: Проблемот е повеќеслоен, но пред сè е поврзан со доминантните патријархални и конзервативни структури на моќ кои не само што влијаеле врз позицијата на жените во општеството, туку и врз начинот на кој се создавал канонот на историјата на уметноста. Жените не биле отсутни од македонската модерна уметност, тие отсекогаш биле нејзин активен дел, но нивното присуство, придонес и авторство биле недоволно препознаени, документирани и вреднувани: тие поретко добивале самостојни изложби, биле помалку застапени во музејските колекции и историските прегледи; често биле претставувани како „исклучоци“ наместо како рамноправен дел од уметничките движења…

Историјата на уметноста во голема мера била пишувана од од белиот машки ракурс и поглед, и во таа структура сите останати биле инфериоризирани и подредени. Од друга страна жените борки биле учеснички во народноослободителната борба и придонеле активно во борбата над фашизмот. Во социјалистичкиот период, имало политика на родова сензибилизација и жените ги ползувале сите дотогашни меѓународни права на личен, семеен и политички план и учество во сите сфери на современиот живот. Значи овој систем донел значајни промени во формалното и политичкото изедначување на жените, но нивната еманципација не ги укинала длабоко вкоренетите патријархални односи.
Жените добиле пристап до образованието и јавниот живот, но и понатаму ги носеле најголемиот дел од обврските во приватната сфера, што влијаело и врз можностите за континуиран професионален развој и градење уметнички кариери. Жените се сè уште главен двигател на приватниот живот, тие се тие кои првенствено се одговорни за домот и семејството, а на полето на пазарот на трудот и поделбата на трудот се дискриминирани и економски се сè уште со подреден статус. Згора на тоа, сведоци сме на многу фемициди и институционална негрижа која трагично се рефлектира на целото општество.
Затоа, оваа изложба не е само обид да се надополни една празнина, туку и да се преиспита начинот на кој е конструирана историјата на македонската модерна уметност. Станува збор за критичко реевалуирање на постојниот канон и за видливост на авторките кои биле негов составен дел. Истовремено, се отвора прашањето колку поинакви можеле да бидат нивните уметнички патишта доколку имале еднакви услови, признание и институционална поддршка.

Трн: Уметничките често ги среќаваме во биографиите на познати мажи, како сопруги, сестри, музи или соработнички. Има ли авторка чие дело го гледаме поинаку кога ќе ја прочитаме нејзината приказна од нејзина перспектива?
Ивана: Изложбата ја градат околу 150 дела на 44 уметнички, родени нешто пред и во текот на првата половина на XX век, сè до 1949 година, во политичките граници на современата македонска држава, или се декларирале како Македонки, а се родени надвор од државата, или пак се родени надвор но ја граделе својата кариера во земјава, или пак, биле професорки на некои од најзначајните уметници во земјава. Тие најчесто се школувале во академиите или во средните училишта во регионот или во Скопје и активно учествувале во ликовниот живот непосредно пред и во првите децении по Втората светска војна, а некои од нив и сè до денес.
Претставени се по неколку дела од нив од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје како и од колекциите на Национална галерија на Република Северна Македонија, Музеј на Македонија, Македонски народен театар, Вардар филм, НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и приватните колекции на нивните фамилии, и се обидов во неколку дела да прикажам различни творечки фази од уметничките. Личните приказни ги оставив на страна, некои од нив се многу тажни и претставуваат самохрани мајки кои и покрај грижата за домот и за децата сепак континуирано творат до крајот на својот живот, некои пак се силни и ја инволвираат целата фамилија или своите партнери во продукцијата на своите дела, а некои работеле на студиите и нешто по нив и подоцна се откажале од уметност, за некои да се вратат на тоа во пензија. Вклучени се и две дела од белградските професорки Зора Петровиќ и Љубица Цуца Сокиќ кои им предавале на нашите уметници како на Душан Перчинков, Нове Франговски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски, Петар Мазев итн.
Но, оваа изложба претендира овие уметнички не да се разбираат само како „жени уметници“, туку како активни учеснички во формирањето на модерната и современата македонска уметност. Нивниот заеднички контекст е обележан со процесите на институционално градење на националната култура и модернизацијата на уметничките практики, но и со постојаното преговарање за видливоста и признавањето на жените во едно поле во кое долго време доминирале мажите.

Најверојатно и луѓето не знаат многу за уметничките кои во 30-тите години на минатиот век завршиле академии како Василка Христова, покрај Катја Евтимова или Кераца Висулчева, за скулптурите од стакло како основен материјал на Македонка Андонова, или Нада Корда Сима, чиј живот завршил прерарно а студирала во 1942 година, или за творештвото на Јелена Ристеска, или за прекрасните цртежи на костимографките кои работеле во МНТ како Рада Петрова Малкиќ, Јелена Патрногиќ или Елена Дончева Танчева, но во други институции. Или пак од друга страна дека не можат да се лоцираат многу од хотелските ентериерски нарачки на таписерии на Мирослава Спировска Мира кои во поголемиот дел веќе ги нема…Тоа се некои од новитетите на оваа изложба, а за неколку од нив се направиле веќе монографски претставувања, па нивните авторски патишта веќе ни беа познати. Но не успеав да опфатам сè со ова истражување и изложба, заложбите на овој план ќе продолжат и во иднина.
За оваа прилика би спомнала дека Катја Евтимова (1910, Пазарџик – 1996, Скопје) е првата академски образована македонска сликарка, таа станала членка на ДЛУМ во 1946 година, и во тоа време била единствена жена сликарка во Друштвото. Нејзината прва самостојна изложба во 1945 година во Народниот музеј во Битола, била и прва самостојна изложба на жена сликарка во Македонија. Василка Христова (1915, Струмица – 1998, Струмица) е првата евидентирана жена – уметничка во Струмица и единствена од нејзината генерација која успеала да го усоврши својот ликовен талент на школа за ликовна уметност во Белград во 1936 година. Борка Аврамова (1924, Тетово – 1993, Загреб) е првата македонска уметница – скулптор во земјава. Во 1954 год. ја има својата прва изложба во Културниот дoм нa грaдeжните рaбoтници Скопје – плoштaд Слoбoдa, што претставува прва самостојна изложба на вајар во земјава.
Мена Спировска Менче (1928, Прилеп – 2011, Скопје) е првата жена графичар со високо образование (уметничка академија) во Македонија и првата жена од земјава која изложувала на меѓународни изложби во странство, а во 1956 год. заедно со Драгутин Аврамовски Гуте, кој бил нејзин партнер, и уште четворица млади уметници организираат авангардна изложба во Клубот на уметниците и на културните работници на Скопје која за прв пат во Македонија се случува вон институција музеј или галерија. Мирослава Спировска Мира (1936, Битола – 2018, Скопје) е една од водечките личности во современата македонска таписерија и можеби најзаслужна за нејзината обнова во земјава во 70-тите и 80-тите години на XX век.
Рада Петрова Малкиќ (Скопје, 1930 – 2016, Скопје) е првата школувана костимографка во Македонија, додека Љубица Накова Донска (1931, Штип – 2014) е уметничка-акварелистка и пејзажистка, прва повоена жена сликарка од Источна Македонија. Драгица Јанева (1938, Куманово – 2020, Скопје) е првата жена керамичар во Македонија. Елена Дончева Танчева (1942, Скопје) имала самостојна изложба во фоајето на Драмскиот театар во 1969 год., што е прва изложба од таков вид во земјава, а Тонкица Митровска (1948, Битола – 2026, Скопје) е една од првите што работи на анимиран филм во Македонија.
А за нивните приказни ќе дознаете наредната година од меѓународнатата дигитална и истражувачка платформа посветена на визуелните уметници што се идентификуваат како жени од Централна и Источна Европа, како и од постсоцијалистичките земји и Западен Балкан насловена „Секундарна архива“ во која ќе се вклучат и изјави од жените пионерки во визуелната уметност од земјава.

Трн: Истражувањето ги следи и врските меѓу самите уметнички. Како соработувале, си отворале простор за работа и заеднички дејствувале, и што од тоа можеме да видиме на изложбата?
Важно е да се разбере дека овие уметнички не дејствувале изолирано, иако историјата на уметноста најчесто ги претставува како исклучоци. Зад нивните индивидуални биографии постоеле различни мрежи на поврзаност, пријателства, професионални контакти, меѓусебна поддршка, образовни и семејни врски, партнерства и заеднички учества во културниот и општествениот живот а токму тоа се почувствува и на отворањето на изложбата кога многу од децата или внуците се препознаа и разговараа после долго време. Уметничките се среќавале, разменувале знаења и искуства, влијаеле едни на други и на различни начини, индиректни или директни, си отворале простор во уметничкото поле во кое доминирале мажите.
Истражувањето за изложбата се обидува да ги направи видливи токму овие помалку познати релации, но и пошироките форми на организирање, здружување и политичко дејствување на жените. Особено е важно да се согледа дека нивното присуство не се исцрпува само во уметничкото творештво, туку е поврзано и со пошироките еманципаторски процеси, борбата за образование, професионална афирмација и рамноправно учество во јавниот живот. Односно, покрај делата и документацијата, специјално се истражени и претставени вмрежувањето, формите на организација и политичко делување на жените од првата половина на XX век, како и перспективите и (не)можноста за реконструкција на историјата на жените во македонското минато, преку авторско истражување и текст на историчарката Ивана Хаџиевска, што на некој начин ја претставува и политичката позадина која служи како вид охрабрување и поддршка за појавата на жените уметнички.
На изложбата оваа идеја е присутна и преку самиот изложбен дизајн, кој го работевме со архитектот Јован Ивановски, и е замислен како ризоматска структура. Наместо линеарна историја составена од индивидуални авторски биографии, изложбениот дизајн претставува мрежа од испреплетени врски, присуства и влијанија, како и пробиви. На тој начин се обидуваме да покажеме дека историјата на уметноста не ја создаваат само поединечни големи авторски имиња, туку и односите, соработките и заедничките простори во кои се создаваат знаењето, творештвото и можноста за дејствување.

Трн: Изложбата се одржува во МСУ, институција што и самата учествува во пишувањето на таа историја. Што му открива ова истражување на музејот за сопствените избори во однос на жените уметнички низ годините?
Оваа изложба предлага поинаков поглед кон историјата на уметноста од деколонизарачки карактер во обид да се реконфигурираат хегемониските наративи и да се понудат други перспективи за минатите уметнички практики и нивното претставување. Односно, замислува поинакви етички, онтолошки, епистемолошки и филозофски величини, како и предлага поинакви визии за тоа што значи уметнички свет или свет на уметноста преку преиспитување на традиционалните канони.
Оваа изложба ја гледам како дел од серијата свои, но и колаборативни кураторски заложби што на просторно-временски дисперзиран начин градат верзија на постојната поставка на МСУ – Скопје, почнувајќи од една изложба во 2019 година на која работев заедно со архитектот Срѓан Јовановиќ Вајс и Филип Јовановски насловена „Трета страна на стварноста“, па колборативните изложби „ Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“ во 2024 година или „ Истокот e сè уште можен“ во 2025 година, па сè до изложбата која ќе се отвори овој понеделник во 20 часот а е насловена „Жени, животни, постколонијалци, бактерии, Други и вознемирените води.“
Изложбата ги вклучува светски познатите уметнички Урсула Биман (Швајцарија), Каролина Кајчедо (Обединето Кралство | САД / Пуерто Рико) и Минерва Куевас (Мексико) како и Робертина Шебјаниќ (Словенија) и Даринка Поп Митиќ (Србија) и уметнички од земјава Верица Ковачевска (Северна Македонија / Швајцарија) и Ивана Мирчевска (Северна Македонија) како и дела од колекцијата на МСУ – Скопје, од уметничките Кате Антипа, Алесандра Бонели, Тоња Дендриноу Николаидис, Катја Евтимова, Ен Меккол, Анета Светиева.
Трн: Ако по „Првите“ една културна институција треба да донесе конкретна одлука за да се промени местото на уметничките во историјата на македонската уметност, која би била таа одлука и кој треба да ја донесе?
Прекрасно прашање. Таа одлука можеме да ја донесеме ние.
