Снег во Србија, ограничена брзината на движење на автопатите

По невообичаено топлите денови, Србија ја зафати силно заладување. На планините врне снег, а поради снежните врнежи веќе е намалена дозволената брзина на дел од автопатот. Метеоролозите најавуваат постепено разведрување во текот на денот.

Србија утрово, 14 ноември, се соочува со нагло заладување и снежни врнежи во планинските предели, откако студен воздушен бран ја замени топлата есенска атмосфера. Републичкиот хидрометеоролошки завод најави значително пониски температури, дожд во пониските предели и слаб снег на планините.

Според прогнозата што ја објави Nova.rs, утринските температури се движат од еден степен на северот до десет степени на југот, додека највисоките дневни температури во поголемиот дел од земјата ќе бидат меѓу четири и девет степени.

Во Неготинската Краина се очекуваат околу 11 степени.

Снегот веќе влијае врз сообраќајот

Јавното претпријатие „Путеви Србије“ објави дека поради снежни врнежи е намалена дозволената брзина на автопатот А2, во зоната на тунелите Лаз и Муњино Брдо.

Ограничувањето ќе важи додека траат условите што го отежнуваат сообраќајот, а редовниот режим ќе биде воспоставен по престанувањето на снежните врнежи и нормализирањето на состојбата.

Од претпријатието ги повикаа возачите да користат зимски гуми, да ги почитуваат ограничувањата и да ја приспособат брзината на условите на патот.

Ова е особено важно за оние што патуваат кон планинските региони, каде што ниските температури и влагата можат дополнително да ги отежнат условите за возење.

Во Војводина разведрување, на планините слаб снег

Според официјалната прогноза, во Војводина по утринското разведрување во текот на денот ќе преовладува сончево време.

Во останатите делови на Србија претпладне ќе биде умерено до целосно облачно, со повремени слаби врнежи од дожд, а во планинските области со слаб снег.

Попладне се очекува престанување на врнежите и постепено разведрување.

Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, кој во источните делови од земјата претпладне повремено ќе биде силен.

Во Белград наутро е можен слаб дожд, додека попладне се очекува претежно сончево време, со највисока температура околу девет степени.

По заладувањето повторно затоплување

Метеоролозите најавуваат дека студениот бран ќе биде релативно краткотраен.

Во недела наутро на одредени места се очекува слаб мраз, по што температурите постепено ќе почнат да растат.

Според најавите што ги пренесува српскиот весник „Дневник“, на почетокот на следната седмица во некои делови од Србија температурата повторно би можела да достигне околу 20 степени.

Сепак, во втората половина на следната недела се најавува ново заладување.

Големите температурни разлики во краток период, проследени со дожд и снег во повисоките предели, носат променливи услови за патување.


За возачите што планираат патување низ Србија, особено преку планинските патишта, важно е непосредно пред поаѓање да ја проверат најновата состојба на патиштата и временската прогноза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс