Сите ја забележуваат елеганцијата на балетот,но многу поретко размислуваме за силата, болката, дисциплината и годините работа што стојат зад неа. Во изложбата „Делови“, фотографот Марко Угарковиќ не ја фотографира само убавината на балетот, туку се обидува да ја открие неговата помалку видлива страна. Преку детали од телото, гестовите и движењето, тој создава фотографии што бараат од нас да застанеме и да погледнеме подолго. За Трн.мк зборува за својата изложба, за емоцијата како мерка за успешна фотографија и за човечката креативност во ерата на вештачката интелигенција.

Трн: Со изложбата „Делови“ го истражуваш светот на балетот преку детали од телото и движењето. Што беше инспирацијата за оваа изложба и што сакаше да ни покажеш преку фотографиите?
Марко: Проектот ми беше предизвик да го истражам балетот од малку поинаква перспектива. Наместо да го прикажам како целосна сценска изведба, како во првата изложба која ја направив во мојата работа во Националната опера и балет, тука се фокусирав на фрагменти од телото, движењето, гестовите и моментите што често остануваат незабележани. Сакав да ја раскажам приказната за балетот не само како уметност на елеганцијата, туку и како резултат на огромна дисциплина, физички напор и посветеност.
Трн: Насловот „Делови“ може да се чита и како нешто што недостига, но и како начин да се состави нова целина. Дали изложбата за тебе зборува повеќе за фрагментацијата или за обидот преку фрагментите да се разбере целината?
Марко:Насловот e свртен повеќе кон концептот на самата изложба. Фотографии беа печатени во “Чудна Шума” на најголемиот формат кој е достапен, и со начинот на поставување во галеријата на КСЦ Јадро, дозволуваат обсервирање на фотографиите како целина или во делови, и на тој начин дозволува нова димензија на истражување на детали на фотографиите кои се поставени во просторот.


Трн: Во време кога секојдневно сме преплавени со фотографии и визуелни содржини, што според тебе ја прави една фотографија уметничко дело, а не само уште една слика што брзо ќе ја прелистаме?
Марко:Според мене, фотографијата како медиум е успешна доколку успее да произнесе емоција од тој што ја гледа. Во денешно време, поради достапноста на фотографијата како медиум, фотографите често се гледаат како документаристи на одредена ситуација, но уметноста на фотографијата е да успее да раскаже емотивна приказна која ќе се памети откако ќе се види, и останува со тебе долго време. Доколку станува збор за студиска фотографија како во случајот на изложбата, тука дополнително игра улога и контролата врз светлото кое се користи, што допринесува до уметничкиот израз на фотографот, и дозволува уникатен визуелен печат врз делото.
Трн: Зошто толку често ја фотографираме убавината, а толку ретко цената што се плаќа за неа?
Марко: Сметам дека сите луѓе се навикнати да гледаат, бараат и почитуваат краен резултат на еден процес, и по резултатот да го цениме целиот процес на било кое дело, без поголемо размислување за патот кој се оди за да се стигне до таму. Истото важи и за убавото. Со самото тоа, полесно е да се прикаже само убавина, и да се скокнат годините кои се потребни таа да се создаде.

Трн: Дали денес сме станале толку навикнати да гледаме фотографии што веќе не умееме навистина да ги гледаме? Што треба да се случи за една фотографија да нè натера да застанеме?
Марко:Дефинитивно секојдневието ни е преплавено со секаков тип на фотографии и видеа, и потешко е да се избориш за свое место во таков систем, но тоа го прави и тој процес забавен и вреден. Сметам дека пристапот до толкав број на фотографии во секојдневниот живот е одличен за фотографите. Од една страна лесно е да добиеш инспирација како фотограф и да пробаш нешто ново за кое не си размислил, а од друга страна, самиот број на фотографии кој секој човек го консумира секојдневно дозволува кога ќе биде тој човек соочен со фотографија која навистина нуди приказна, и пренесува емоција таа да биде видена и испочитувана.
Трн: Во време кога секој може да направи технички совршена фотографија со телефон, а вештачката интелигенција може да создаде речиси каква било слика, што останува незаменливо во човечкиот поглед на фотографот?
Марко:Во кратката историја на фотографијата како уметност ова прашање се поставува често, со секој технолошки скок. Дури и во време на вештачка интелигенција, незаменливото (за сега) е човечката имагинација, креативност и идејата. Една од најдобрите предности на денешното општество е дека фотографијата е достапна на секого, и многу фотографи кои творат денеска творат поради тоа што се намалува бариерата за влез во визуелните уметности, а тоа е прекрасен чекор за ширење на оваа професија и ова хоби. Најважниот дел од фотографијата е развивањето на својот визуелен потпис, кој што доаѓа од многу експериментирање, работа и труд.

Трн: Што е поважно за тебе – да направиш убава фотографија или фотографија што ќе му создаде непријатност на гледачот? Дали уметноста мора да биде пријатна за да биде привлечна?
Марко:Сметам дека и убавата и непријатната фотографија се еднакво важни, во зависност од тоа што е пораката и приказната која треба да се раскаже. Нема неточен одговор, најбитна е реакцијата која ја предизвикува делото кај гледачот.
Трн: По „Сенки, светло и сцена“ и сега „Делови“, кои теми или визуелни светови сè уште не си ги истражил, а чувствуваш дека те повикуваат? Каде би сакал да ја однесеш фотографијата во следниот авторски проект?
Марко:Идниот период сакам малку повеќе да се посветам на студиски фотографирања, со повеќе експериментирање со светло и негативен простор. Имам веќе неколку идеи кои ги развивам, па ќе видиме до каде ќе стигнат. Уличната фотографија ми останува страст, па се спрема нешто и на тоа поле за во иднина. Исто така, последниве две години сум официјалниот фотограф на фестивалот “Охридско Лето”, така да би сакал да направам и една ретроспективна изложба од настаните кои имав чест да ги фотографирам при фестивалот.
