Шпанските поморски спасувачки служби спасиле 3.261 мигрант во водите околу Канарските Острови во првите шест дена од ноември. Регионалните власти предупредуваат дека новиот бран пристигнувања создава сериозен притисок врз локалните служби и дека ситуацијата станува неодржлива.
Претседателот на регионалната влада на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, изјави дека бројот на пристигнувања се приближува до рекордното ниво од 2024 година, а во одредени денови дури и го надминува. Според него, особено тешка е состојбата на островот Ел Хиеро, кој има околу 11.400 жители и претставува една од главните влезни точки за мигрантите од Западна Африка.
На снимките на „Ројтерс“ се гледаат стотици мигранти во пристаништето Ла Рестинга, откако шпанските спасувачки служби во саботата вечерта спасиле околу 500 лица од два чамци и пронашле едно тело.
Деветмина загинати во последните недели
Најмалку девет мигранти ги загубиле животите во последните неколку недели обидувајќи се да стигнат до Канарските Острови. Меѓу спасените имало и тешко болно бебе, кое по пристигнувањето со хеликоптер било пренесено во болница.
Иако бројот на пристигнувања во првите десет месеци од годинава бил речиси 61 отсто помал во споредба со истиот период во 2024 година, Клавихо предупредува дека подобрите временски услови во моментов поттикнуваат нов бран тргнувања од западноафриканскиот брег.
Тој посочи дека зголемениот прилив дополнително ги оптоварува здравствените и транспортните служби. Автобусите се пренасочуваат за потребите на мигрантите, а медицински персонал од други острови е испратен во Ла Рестинга за да помогне во справувањето со ситуацијата.
Една од најопасните мигрантски рути во светот
Атлантската рута од Западна Африка до Канарските Острови се смета за една од најопасните мигрантски рути во светот. Илјадници луѓе секоја година се обидуваат да ја поминат со преполни чамци, изложени на силни морски струи, неповолни временски услови и големи растојанија.
И покрај ризиците, оваа рута останува една од главните патеки по кои мигрантите од западниот дел на Африка се обидуваат да стигнат до Шпанија и Европската Унија.
Извор: „Еуроњуз“
