Марко Цепенков: човекот што ги зачува приказните на Македонија

На 7 ноември се навршуваат 197 години од раѓањето на собирачот и раскажувачот чија оставнина опфаќа стотици приказни и илјадници пословици и поговорки.

Марко Цепенков, еден од најзначајните собирачи на македонското народно творештво, е роден на 7 ноември 1829 година. Неговата повеќедецениска работа зачувала приказни, песни, верувања и обичаи што денес претставуваат драгоцен запис за јазикот и секојдневниот живот во Македонија.

По професија бил терзија, а со собирање народни умотворби започнал во периодот 1856–1857 година, поттикнат од Димитар Миладинов. На оваа работа ѝ посветил повеќе од 40 години, лично запишувајќи ги материјалите што ги собирал. ПРИЛЕП

Марко Цепенков ги запишувал и приказните и секојдневието

Неговата оставнина опфаќа околу 800 приказни, повеќе од 5.500 пословици и поговорки, 150 песни и 100 гатанки. Собирал и описи на занаети, обреди, детски игри и предмети од домашниот живот.

Најголемиот дел од материјалите потекнуваат од Прилеп и околината, но собирал и во Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и Дебарско. Така, неговите записи го надминуваат книжевното значење и стануваат извор за проучување на народната култура. ПРИЛЕП

Особеноста на Цепенков е и во начинот на работа. Според Енциклопедијата на македонската книжевност, тој често ги запомнувал кажувањата, а подоцна ги запишувал по сеќавање, внесувајќи сопствена раскажувачка умешност. Во неговите записи се преплетуваат усното предание и личниот творечки придонес.

Покрај собирачката работа, ја напишал драмата „Црне војвода“ и својата „Автобиографија“. Во 1972 година неговата оставнина била објавена на македонски јазик во десеттомното издание „Македонски народни умотворби“. mke.iml.edu.mk


Денешната годишнина е повод повторно да се читаат овие записи, како книжевност и како сведоштво за начинот на кој луѓето раскажувале, размислувале и го објаснувале светот околу себе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс