Тензии и приговори на УКИМ по изборот на новиот студентски лидер

Постапката за нов лидер на УСС УКИМ донесе приговори за нерегуларности, сомнежи за злоупотреба на лични податоци и оспорен мандат.

Изборот на Адам Стојановски за нов претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ наиде на остар отпор и сомнежи за прекршување на процедурите. Дел од делегатите ја оспоруваат постапката за свикување на седницата, додека кандидатот Марко Доневски од ФЕИТ тврди дека му било оневозможено правото да се кандидира. Доневски пријави и сомнеж за неовластено извлекување на негови податоци од универзитетскиот систем iKnow.

Според член 22 од Статутот на УСС УКИМ, датумот за избор на претседател мора да се утврди уште на конститутивната седница, а гласањето да се закаже најмалку три работни дена подоцна. Записникот од конститутивната седница одржана на 28 октомври покажува дека точен датум тогаш не бил утврден. Наместо тоа, одлучено е делегатите дополнително електронски да гласаат за терминот. Делегати сведочат дека известувањето за конечниот термин пристигнало само еден ден пред одржувањето, што остави малку време за организација и сериозна подготовка, објави Студентарија.

Студентот Марко Доневски од ФЕИТ, кој претходно беше претседател на матичното факултетско собрание и делегат во УСС УКИМ, остана без верификуван мандат на седницата на 28 октомври. Доневски ги завршил додипломските студии на 1 септември, а на 21 октомври се запишал на магистерски студии на истиот факултет, кога повторно бил именуван за претставник на ФЕИТ. Во жалбата доставена до Ректоратот на УКИМ на 29 октомври, тој посочува дека ги исполнува условите како редовен студент и дека одлуката за одбивање не му била доставена во писмена форма. Во посебен приговор до Верификационата комисија, Доневски бара верификација на мандатот, наведувајќи дека станува збор за ново именување, а не за продолжување на стар мандат.

За време на конститутивната седница бил презентиран документ со лични и академски податоци на Доневски, извлечен директно од универзитетскиот систем iKnow. Документот послужил како аргумент против верификацијата на неговиот мандат, иако тој не дал согласност за таква употреба. Доневски бара институционално утврдување на одговорноста: кој влегол во системот, со какво овластување и врз која правна основа ги искористил овие податоци. Дополнително, во записникот стои дека за делегатите од ФЕИТ било побарано правно мислење од Сара Лалиќ, заменик-студентски правобранител на Правниот факултет, и професорот Димитар Гелев. Во документите не е наведено кој го побарал мислењето, ниту пак е приложена неговата содржина, пишува Студентарија.


До новото раководство на УСС УКИМ и до Ректоратот од Студентарија упатиле официјални прашања за изборниот процес и наводите за неправилности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс