Жртва? Само ако е мртва

Во џандарскиот логос жената не добива статус на жртва сè додека не биде мртва.
Vero
Vanessa Gor, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Семејството на младата Билјана ја изгуби својата ќерка, а на Билјана брутално и беше одземен животот. Со неа семејството ја погреба и својата досегашна реалност, осакатено од трагедија што ќе ја носи до крајот на животот. Министерот Панче Тошковски повторно ќе избега од одговорност, и така до следната жртва. Се додека владее женомрзачка, ксенофобична, насилничка партија, ќе се ѓерданат црни бисери на вратот на фемицидот.

Повторно има пријава, повторно има непостапување, повторно жртвата останува незаштитена. Проблемот не произлегува од недостаток на протоколи или механизми, туку од идиотизам, игнорантност и целосно непочитување на жртвата, односно жената. Просто кажано, во џандарскиот логос жената не добива статус на жртва сè додека не биде мртва.

Повторувањето на фемицидите ја разголува системската слабост, а уште повеќе ја потврдува негрижата со која се третираат пријавите за родово базирано насилство. РБВ не е нова тема, ниту изненадување за надлежните, но нивната игнорантност одново остава жени незаштитени. За ова мора да се учи и во училиштата, преку сеопфатното сексуално образование, програмата што министерката Весна Јаневска ја прекрсти пред да се прекрсти пред попот. Поимите „род“ и „родова еднаквост“ се отстранети, а со нивното отстранување на децата им се одзема дел од знаењето потребно за препознавање на насилството во партнерските односи. Билјана го загуби животот, а нејзиниот убиец е нејзиниот поранешен партнер.

ССО ги учи младите што е согласност, како се поставуваат лични граници, како се препознава злоупотреба, како се гради здрав однос, како се штити сопственото тело и каде се бара помош. Тоа е превенција, знаење и заштита, поради што и меѓународното истражување Disrupting Harm, спроведено од УНИЦЕФ, Интерпол и ECPAT International, препорачува интегрирање образование соодветно на возраста за односите, границите и согласноста во училишните програми.

ССО не е гаранција дека фемицидите нема да се случуваат, ама е чекор во вистинска насока. Ако министерката навистина сака да се грижи за здравјето на децата, а се плаши од зборот „секс“ во „сексуално“, можеби треба да поразговара со премиерот кој нè повикува на повеќе и почест секс за да створиме многудетни семејства. Или да размисли за сопствената изјава од првиот школски ден, кога им порача на учениците да побараат од своите родители повеќе дечиња. Претпоставувам не мислеше дека треба да му кажат на штркот да им ги донесе нивните дада и бато.

Криењето и премолчувањето на родовите поими нема да помогне во унапредување на ништо, освен на конзервативната идеологија која ги сакати и убива младите во државата. Одземањето знаење е најголемиот грев што можете да и го направите на една генерација, која продолжува меѓусебно да се повредува, немајќи здрави механизми за градење односи и врски.

Касно е да ја вратиме Билјана, како што е касно да се вратат и другите жртви на фемицид. Ама не е касно министерката Јаневска да се открсти, да ја премолчи црковната молитва и наместо неа гласно да ја поддржи програмата. Не е касно ни министерот Тошковски, за ПРВ ПАТ, да утврди кој потфрлил во заштитата на жртвата и да побара разрешување на одговорните, за следниот пат целата џандарска фела двапати да размисли пред да занемари пријава за насилство. Не е касно ни за нас да ги наполниме улиците и јавниот дискурс со притисок на оваа тема, како што тоа го направивме со незнамкакоепрофесор Петар Богојески.

Сите овие настани се одделни, ама ги спојува агресивната реторика и вредностите што ги промовира владејачката коалиција. Ако во обезбедувањето на премиерот имаме човек што ја тепал својата сопруга, а премиерот тоа го нарекува „мал престап“, ако коалициски партнер на национална телевизија зборува за машки надзор врз жената и го релативизира насилството поради повредено машко достоинство, тогаш што треба да заклучиме? Дека фемицидот за нив е нешто сосема нормално или, според речникот на премиерот, некаков „голем престап“?

Фигурите како Петар Богојески и се потребни на власта. Екстремните фигури го прошируваат просторот на прифатливото, а власта може да ја искористи нивната реторика за сопствените конзервативни политики да изгледаат умерено. Прашањето е дали треба да реагираме на секоја нивна провокација. Можеби одговорот е не. Но кога таквите ставови се споделуваат на национална телевизија, одговорот е апсолутно да. Бидејќи секоја премолчена изјава за машка доминација и надзор врз жената ризикува дополнително да ја нормализира таа идеја во општеството.

Трагично е што само еден ден по изјавата на Богојески, една млада девојка свирепо го загуби животот. Не велам дека неговата изјава го предизвикала убиството. Но јавното оправдување на машкиот надзор и релативизирањето на насилството придонесуваат за општествена клима во која насилниците наоѓаат оправдување за своите постапки. Во моите очи, ова е соучесништво.


Министерката ќе им посака на жртвите да се помолат во најблиската црква, за следниот пат партнерот да не ги тепа. На децата ќе им посака да се живи и здрави, Господ да ги чува. Се додека не дојде нивниот ред да бидат жртви или насилници.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс