На Северниот Остров на Нов Зеланд се насукале десетици белоклунести делфини, а спасувачките екипи се обидуваат да ги вратат преживеаните во морето. Информацијата во четвртокот ја потврдило Министерството за заштита на животната средина на Нов Зеланд, пренесува „Ројтерс“.
Најмалку 20 делфини биле пронајдени на брегот кај населеното место Нгави, во близина на ’Ртот Палисер, најјужната точка на Северниот Остров.
Спасувачка акција
Во акцијата учествуваат Министерството, локалното маорско племе (иви) и организацијата „Проџект Џона“, специјализирана за спасување морски цицачи. Спасувачите досега успеале да вратат во морето две животни. Според сведочењата на локалните жители, во текот на ноќта се насукале и до 50 делфини. Повеќето не преживеале, а волонтерите се обидуваат да ги одржат во живот преостанатите животни така што ги навлажнуваат со вода, користејќи кофи и крпи.
„Глетката е ужасна. Оние што сè уште се живи едвај дишат“, изјавил Роб Барг, жител на Нгави.
Организацијата „Проџект Џона“ објавила на Фејсбук дека четири делфини сè уште се живи. Спасувачите ќе се обидат да ги вратат во океанот за време на плимата. Насукувањето на делфини и китови е честа појава на Нов Зеланд и во соседна Австралија, каде што во длабоките океански води живеат големи популации на белоклунести делфини.
И покрај зачестеноста на ваквите случаи, точната причина поради која морските животни се насукуваат и понатаму не е позната.
