Ѓубрето пред зградите и училиштата станува доказ – Граѓаните да пријавуваат

Преполни контејнери, купишта отпад покрај улиците и ѓубре што со денови стои пред станбените згради и училиштата.

Наместо проблемите со комуналната хигиена да останат само фотографии на социјалните мрежи, граѓаните сега ќе можат да ги документираат, а правниците врз основа на тие докази да побараат инспекциски надзор и утврдување одговорност.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) започнува иницијатива за собирање фотографии, видеа и информации за локации на кои комуналниот отпад не се собира редовно. Целта е да се утврди каде надлежните служби не ги исполнуваат своите обврски и да се побара постапување од инспекциските органи.

За разлика од вообичаените граѓански поплаки, овојпат пријавите ќе бидат основа за формално барање инспекциски надзор.

Граѓаните треба да испратат фотографија или видео од несобраниот отпад, точна локација и датум и време кога е направена снимката. Пријавите се доставуваат преку приватна порака до здружението или на електронската адреса contact@myla.org.mk.

Иницијативата следува по претходно искуство во кое пријавувањето на проблемите довело до конкретни институционални мерки.

Во 2025 година МЗМП побарало вонреден инспекциски надзор поради несоодветното собирање на комуналниот отпад во Скопје. По повеќекратна комуникација со Градскиот инспекторат, на ЈП „Комунална хигиена“ и на неговиот директор им биле издадени прекршочни платни налози.

Со новата иницијатива здружението сака да обезбеди поширока слика за состојбата на терен, но и да го искористи законскиот механизам за проверка на одговорноста таму каде што отпадот не се отстранува.

Секоја фотографија нема автоматски да значи казна. Инспекторите треба да ја утврдат фактичката состојба, надлежноста и евентуалните прекршувања. Но документираните пријави можат да бидат основа за отворање постапка.

„Вие покажете каде е проблемот. Ние ќе побараме надзор и мерки“, порачуваат од Македонското здружение на млади правници.


Со тоа, прашањето за несобраниот отпад се префрла од секојдневните поплаки кон институционалната одговорност: кој бил должен да го собере, зошто не го направил тоа и какви мерки ќе следуваат?

е-Трн да боцка во твојот инбокс