Физичарите вклучени во меѓународниот експеримент ЛХЦб, кој се спроведува во рамките на Големиот хадронски судирач (ЛХЦ) во Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН), објавија дека пронашле докази за исклучително редок распад на субатомска честичка. Научниците трагаат по овој процес повеќе од четири децении.
Станува збор за распад на мезонот Б-ннула, краткоживеечка честичка што содржи б-кварк, на два миона – потешки честички слични на електроните, пренесува порталот „Сај њуз“.
Според Стандардниот модел на физиката на честичките, овој процес би требало да се случува приближно еднаш на секои 10 милијарди распади на мезонот Б-ннула. Токму затоа неговото регистрирање претставува голем предизвик за научниците.
Сигналот е статистички значаен
Во труд доставен до научното списание „Физикал ривју икс“, истражувачите пријавиле вишок регистрирани настани во однос на очекуваното ниво на позадински сигнали. Статистичката значајност на резултатот изнесува три стандардни девијации. Кога новите резултати ќе се комбинираат со претходните податоци од експериментот ЛХЦб, статистичката значајност се зголемува на 3,2 стандардни девијации.
Ова претставува доказ што заслужува понатамошно истражување, но сè уште не е доволно за да се прогласи за научно откритие. Во физиката на честичките, за потврда на откритие вообичаено се бара статистичка значајност од пет стандардни девијации.
