Многу луѓе го започнуваат денот со шолја кафе пред појадокот, но често се поставува прашањето дали оваа навика може да влијае врз здравјето на желудникот и цревата. Гастроентеролозите објаснуваат што навистина се случува во организмот кога пиеме кафе на празен стомак и дали треба да ја промениме утринската рутина, пренесува „Магазин.хр“.
„Се чини дека кафето не предизвикува поголеми проблеми кога се консумира на празен стомак. Истражувањата не потврдиле дека доведува до проблеми со нивото на кортизол, шеќерот во крвта или други метаболички нарушувања“, вели гастроентерологот Асма Капра за „Фокс њуз дигитал“.
Според Клиниката Кливленд, нивото на кортизол природно го достигнува највисокото ниво во утринските часови. Затоа, зголемувањето на кортизолот што некои го поврзуваат со пиењето кафе на празен стомак може да биде дел од природниот процес, а не последица на самото кафе. Кофеинот го опушта мускулниот сфинктер меѓу хранопроводот и желудникот, наведува Клиниката Кливленд. Тоа може да овозможи враќање на желудочната киселина во хранопроводот и, како последица, да предизвика горушица.
„И обичното кафе и кафето без кофеин го поттикнуваат лачењето желудочна киселина, како и гастрин – хормон што го регулира варењето. Тоа се случува независно од тоа дали лицето јадело, но ако кафето се пие на празен стомак, може да се појават различни симптоми, како мачнина, чувство на печење во желудникот или потреба за одење во тоалет“, објаснува гастроентерологот д-р Даглас Вајн од Њу Џерси.
„Бидејќи кофеинот е стимуланс, може да го активира централниот нервен систем и да придонесе за покачување на крвниот притисок и забрзување на работата на срцето. Тоа може да предизвика анксиозност, срцебиење и проблеми со спиењето“, додава д-р Вајн.
Секој човек реагира различно на кофеинот, а некои луѓе се почувствителни на неговото дејство од другите.
Што се случува кога пиеме кафе на празен стомак?
Според Клиниката Кливленд, организмот навистина побрзо го апсорбира кафето, а со тоа и кофеинот, кога желудникот е празен. Сепак, некои луѓе не чувствуваат никакви негативни последици од пиењето кафе пред јадење.
„Тоа не би требало да предизвика посериозни гастроинтестинални тегоби“, истакнува Капра.
„Мислам дека е сосема во ред да уживате во шолја кафе на празен стомак“, вели таа, но појаснува дека тоа не подразбира додавање големи количества павлака, млеко, шеќер или други додатоци.
