Кога политички лидер и универзитетски професор зборува за „машки надзор“ врз жените, прашањето е дали општеството ќе го нормализира тоа или ќе го преиспита.
„Феминизмот е тој кој жените ги направи да се однесуваат на неадекватен начин и да отфрлат било каков машки надзор.“
Реченицата звучи како да е извадена од заборавен прирачник за семејни вредности или од телевизиска серија сместена во некое друго време. Камо да е така…. За жал оваа реченица ја изговара Петар Богојески, во телевизиска дебата на ТВ Алфа, во разговор со адвокатката Катерина Котеска, на тема „Распадот на македонското семејство“.
Феминизмот, значи, е тој што е виновен за се. Жените што одлучуваат за себе, што не бараат дозвола, што не прифаќаат некој да ги надгледува и што не ја доживуваат сопствената слобода како закана за туѓиот авторитет се причината за распадот на семејството. А решението? Машки надзор. Кога Котеска го прашува кој би требало да врши надзор врз неа, одговорот на Богојески е дека тоа треба да биде нејзиниот сопруг. Тоа, според него, е негова „задача“ и „обврска“.
Тука би требало да застанеме. Вакви ставови сме слушале и порано, но сè уште има луѓе што ги изговараат како да зборуваат за нешто сосема нормално. Како жената да е малолетна, како бракот да е институција за нејзино дисциплинирање, а сопругот домашен инспектор со овластување да проверува дали таа се однесува „адекватно“. И зошто воопшто претпоставуваме дека на една возрасна жена ѝ е потребен надзор?
Кога неверството станува аргумент за насилство
Во истиот разговор Богојески отвора и прашање за брачното неверство: „Дали е насилство изневерувањето од сопругата? Или е насилство реакцијата на сопругот на фактичката состојба? Тоа неговото не е насилство. Неговото е реакција на заштита на неговото достоинство!“
Ова е моментот кога дискусијата престанува да биде само расправа за традиционалните родови улоги. Што точно значи „реакција на заштита на достоинството“ и зошто однапред ја прогласува за ненасилна? Повреденото машко достоинство не е околност што ја брише одговорноста за нечие однесување.
Богојески не прецизира каква реакција има предвид. Затоа не треба да му припишуваме повик на конкретен насилен чин. Но токму затоа е важно да се проблематизира неговата формулација. Тој прави разлика меѓу неверството на жената и реакцијата на мажот, а втората ја претставува како заштита на достоинството, како нешто што не може да биде насилство. Ова се случува во земја во која, според UN Women, пријавите за семејно насилство во 2022 година беа за 61 отсто повеќе отколку во 2018, а сторителите ретко завршуваат со затворска казна. Таму ваквото релативизирање е опасно, колку и да е спакувано како семејна филозофија.
Насилството не почнува секогаш со последниот удар. Контролата, заплашувањето, ограничувањето на слободата и одземањето на автономијата се дел од пошироката слика на родово базираното насилство.
Законот не предвидува сопругот да биде надзорник!
Проблемот со ваквите изјави е уште поголем кога ќе се споредат со правната рамка што државата веќе ја има усвоено. Во 2021 година беше донесен Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Во него психичкото насилство е дефинирано како однесување со употреба на присилба, заплашување или закана, кое предизвикува страв, загрозеност, вознемиреност или повреда на достоинството и психичкиот интегритет на жртвата.
Законот не го прогласува секој облик на партнерска контрола за насилство автоматски. Но кога контролата се спроведува преку присилба, заплашување, закани или ограничување на слободата, таа може да влезе во законската дефиниција за психичко насилство. Значи, ако зад „машкиот надзор“ од телевизиската дебата стои одземање на правото на жената самостојно да одлучува за сопствениот живот, тој престанува да биде невина семејна метафора.
Обврските на државата одат и подалеку од домашниот закон. Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција на 23 март 2018 година, а таа стапи во сила на 1 јули истата година. Конвенцијата ги обврзува државите да спречуваат и да се борат против насилството врз жените и семејното насилство, но и да ги адресираат корените на насилството: родовите стереотипи, штетните традиции и нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите.
Постои и Конвенцијата на Обединетите нации за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW), кон која државата пристапи со сукцесија на 18 јануари 1994 година. Таа ја обврзува државата да работи на отстранување на дискриминацијата врз жените, вклучително и на стереотипите и општествените практики што ја одржуваат идејата за подредена положба на жената.
Затоа, кога некој јавно тврди дека жените треба да бидат под машки надзор, тоа е став во директен судир со принципите на рамноправност и со насоката во која државата се обврзала да се движи. Државата не може од една страна да усвојува закони и меѓународни конвенции за заштита на жените, а од друга да се однесува како идејата за нивна контрола да е само уште едно прифатливо мислење во јавната дебата.
„Еве ви доказ како се однесува жена без машки надзор“
„Еве ви доказ како се однесува жена без машки надзор“, вели Богојески, коментирајќи го однесувањето на жени на настан во „Europe House“ во Скопје.
Жените, според оваа логика, се прифатливи додека некој ги надгледува. Кога ќе се ослободат од надзорот, нивното однесување станува доказ за проблемот. Проблем, значи, станува слободата, а не ограничувањата, и тоа што жената можеби не сака да се вклопи во туѓи правила. А што точно треба да надгледува сопругот? Облеката? Друштвото? Излегувањата? Одлуките? Телото? Гласот? Одлуката кога жената се однесува „адекватно“, очигледно, би ја донесувале мажот, семејството или политичкиот лидер што од телевизиско студио објаснува како треба да изгледа едно семејство.

Можеби најголемата иронија е што во разговор за распадот на семејството, како проблем се посочува токму она што би требало да биде основа на секоја здрава заедница: личната слобода и рамноправноста на партнерите.
Партиски лидер и доцент на Воената академија
Изјавите не дојдоа од случаен коментатор на социјалните мрежи. Богојески е претседател на политичката партија Македонски концепт, а избран е и во наставно-научно звање доцент на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, каде што предава во областа на економијата и бизнисот. Академијата е високообразовна институција во рамките на Министерството за одбрана, која образува кадри за потребите на Армијата и безбедносниот систем.
Тоа се две различни јавни улоги, но и две улоги што носат одговорност. Политичкиот ангажман подразбира учество во јавната дебата и застапување ставови. Академскиот ангажман подразбира работа во образовна институција, со обврска за професионално и одговорно однесување. Слободата на говорот не значи дека јавните ставови се ослободени од критика. Ниту значи дека институциите немаат право, а понекогаш и обврска, да објаснат какви стандарди очекуваат од луѓето што ги претставуваат.
Никој не му го оспорува правото да ги изнесува своите ставови. Отвореното прашање е дали Воената академија смета дека ваквите јавни пораки се во согласност со вредностите и професионалните стандарди што ги очекува од својот наставен кадар. И дали институцијата воопшто ќе се огласи?
Ако веќе толку инсистира на надзор, можеби токму неговиот јавен настап треба да биде предмет на институционална проверка. Таа нема да му го одземе правото на говор, но ќе утврди дали јавната функција и одговорностите што ги носи се исполнуваат според соодветните стандарди.
Кој се плаши од распадот?
Можеби треба да го смениме прашањето и да престанеме да се прашуваме дали македонското семејство се распаѓа затоа што жените повеќе не прифаќаат машки надзор. Поважно е кој всушност се плаши од заедница во која партнерите не се сопственост еден на друг, во која никој не мора да бара дозвола за да живее и во која достоинството не е привилегија на едниот, а обврска на другиот.
Феминизмот не го распаѓа семејството. Тој ја доведува во прашање идејата дека семејството мора да функционира по принципот на надреден и подреден. Ако една заедница може да опстане само додека жената молчи, слуша и е под надзор, тогаш проблематична е самата дефиниција за семејство што се обидуваме да ја одбраниме.
И на крајот, останува уште едно прашање: дали секоја провокација заслужува колумна, наслов и нова публика? Можеби не. Но кога некој што има политичка и академска функција јавно зборува за потребата од машка контрола врз жените и ја релативизира одговорноста за насилничка реакција, молчењето не е неутралност. Не мора да му даваме микрофон секојпат кога ќе посака да ја објасни жената. Но мора да го оспориме она што го кажува, особено кога тоа се обидува да го претстави како нормален поредок.
Ако некој навистина се плаши од распадот на македонското семејство, можеби треба да почне од едно едноставно прашање: зошто воопшто му е потребен надзор за да опстане?

