„Arriving“ на Дамјан Томоски носи музичка приказна за иселувањето и враќањето дома

Преку осум нови теми струшкиот композитор Дамјан Томоски го документира патувањето како состојба на духот и лична потреба за враќање кон потеклото.

Македонскиот композитор и мултиинструменталист Дамјан Томоски го промовираше својот втор авторски клавирски албум „Arriving“, издание што низ осум нумери ги обработува заминувањето од родниот крај, животот во странство и личната потрага по идентитет. Изданието се надоврзува на неговиот претходен проект од 2025 година, при што личните искуства од престојот надвор од Македонија ги трансформира во универзален звучен запис достапен за пошироката публика преку дигиталните платформи.

Новиот материјал на Томоски доаѓа како логично продолжение на албумот „On My Travels“ од 2025 година. Додека претходното издание го бележеше самиот чин на заминување и соочување со непознатото, „Arriving“ ја отвора темата за враќањето кон сопствените корени. Приказната кореспондира со искуството на илјадници млади луѓе од Македонија кои заминаа во странство, соочувајќи се со прашањето каде всушност припаѓаат.

Томоски, кој дипломираше композиција на Академијата за музика во Љубљана, преку личниот пат сведочи за потребата од зачувување на врската со родниот крај. За него физичкото враќање не означува крај на движењето.

„Со години патував од едно место на друго, барајќи нешто што ни самиот не знаев точно како да го опишам. Со текот на времето сфатив дека пристигнувањето не мора да значи крај на патувањето. Понекогаш е доволно да знаеш дека постои место каде што можеш да се вратиш, тоа е домот“, посочи Томоски.

Звучната слика на албумот содржи осум авторски композиции базирани на реални патувања. Централниот инструмент е пијаното, но авторот го проширува изразот со виолончело, теренски амбиентални звуци, говорна поезија и македонски традиционален кавал. Вметнувањето на кавалот внесува автентичен локален мелос во современата неокласична форма.

Секоја песна има и сопствена визуелна компонента, изработена паралелно со музиката. Авторот сними и серија кратки видеоинтервјуа во кои ги објаснува конкретните поводи зад секое парче.

Творечкиот профил на Дамјан Томоски опфаќа симфониска музика, филмски партитури и саундтраци за видеоигри. На словенечката сцена соработуваше со составите Noctiferia и Raiven, а паралелно го води и мултидисциплинарниот проект „ПРЕМИН“.


Албумот „Arriving“ излезе на 30 октомври 2026 година и е достапен за слушање на сервисот YouTube, како и на платформата Spotify.

е-Трн да боцка во твојот инбокс