Граѓаните и локалните заедници треба да добијат вистинска можност да учествуваат во проектите за обновлива енергија и да имаат корист од нив. Тоа е главната порака од новата анализа на Climate Action Network (CAN) Europe, која за Македонија препорачува усвојување на правилата и подзаконските акти за енергетски заедници што сè уште се во подготовка.
Анализата, објавена на 3 ноември, ги опфаќа Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Организацијата предупредува дека побрзото одобрување проекти нема да биде доволно ако не се обезбедат учество на јавноста, заштита на природата и праведна распределба на придобивките.
Енергетски заедници постојат во законите, но ретко во практика
Според CAN Europe, сите опфатени земји законски ги препознале заедниците за обновлива енергија, но оперативните примери остануваат исклучително ретки.
Како пример ја наведуваат Србија, која пријавила целосно пренесување на одредбите за сопствено производство и потрошувачка и за енергетски заедници, но нема регистрирана енергетска заедница.
Пристапот до електричната мрежа е уште една голема пречка. Организацијата наведува дека приклучувањето на преносната мрежа во БиХ може да трае до седум години. Ниту една од опфатените земји, според анализата, не резервира капацитет или обезбедува приоритетен пристап за проектите на енергетските заедници.
Придобивките за локалното население зависат од инвеститорот
CAN Europe посочува дека во Западен Балкан нема законска обврска инвеститорите да ги споделуваат придобивките од проектите со заедниците каде што ги градат.
Организацијата бара минимални законски стандарди, вклучително и придонес според произведен мегават-час и понуда за локално сопственичко учество во проектите.
За граѓаните, тоа би значело можност нивната улога да не завршува со присуство на јавна расправа, туку да вклучува и учество во сопственоста и користа од производството на енергија.
Прво покриви и поранешни рудници, потоа нови локации
Анализата предупредува дека забрзувањето на проектите оди пред воспоставувањето доволни еколошки и општествени заштитни механизми.
CAN Europe препорачува приоритетно поставување обновливи извори на покриви, депонии и поранешни рудници за јаглен. Забрзан развој на нови, неизградени локации предлага дури откако ќе се проверат условите за заштита на животната средина.
Меѓу препораките се и поедноставни постапки за малите производители, праведен пресметковен модел за предадената електрична енергија и можност за заедничко производство и сопствена потрошувачка во станбени згради. Посебен приоритет, според организацијата, треба да имаат енергетски ранливите домаќинства.
За Македонија, непосредната препорака е усвојување на преостанатите правила за енергетските заедници, како чекор кон нивно практично функционирање
