Шпанија воведува платено боледување за менопауза

Од 1 декември, жените во Шпанија со сериозни здравствени проблеми поврзани со менопаузата ќе можат да користат посебно боледување. Надоместокот ќе се исплаќа од вториот ден, без услов за минимален претходен стаж на осигурување.
Фото: Jonathan Borba:

Шпанија од 1 декември 2026 година воведува ново право за жените на пазарот на трудот. Со посебното боледување за менопауза, вработените жени кои имаат здравствени состојби што ги спречуваат да ги извршуваат работните обврски ќе можат да добијат финансиски надоместок.

Реформата, која Владата ја одобри на 20 октомври, претставува проширување на заштитата на женското здравје на работното место.

За користење на ова право нема да биде доволно жената да се наоѓа во менопауза. Потребно е лекар да утврди здравствена состојба поврзана со менопаузата која привремено ја оневозможува да работи.

Колкав надоместок носи боледувањето за менопауза?

Првиот ден ќе биде покриен од работодавачот, а од вториот ден жената ќе добива надоместок од системот за социјално осигурување.

Во првите 20 дена надоместокот ќе изнесува 60 проценти од основицата за пресметка, а од 21. ден ќе се зголеми на 75 проценти.

Значајна новина е укинувањето на условот за најмалку 180 дена претходно платени придонеси во последните пет години, кој важи за вообичаеното боледување поради болест.

Лекарската потврда ќе се доставува електронски, без жената да мора лично да ја предава на работодавачот.

Шпанија уште во 2023 година воведе платено боледување за силни менструални болки, а сега ја проширува заштитата и на одредени здравствени проблеми поврзани со менопаузата.

Во Германија, Италија, Грција, Португалија и Турција нема посебно регулирано боледување за менопауза. Жените во одредени земји можат да користат редовно боледување доколку здравствената состојба не им дозволува да работат.


Шпанската реформа отвора пошироко прашање за европските системи на трудова и социјална заштита: дали здравствените проблеми специфични за жените треба да добијат посебно законско признавање?

е-Трн да боцка во твојот инбокс