Ретроспективна изложба на македонското куклено наследство „Тивки актери, гласни приказни“ во Музеј на Македонија

Изложбата „Тивки актери, гласни приказни“ ве повикува на ретко ретроспективно патување низ децениите на македонското кукларство

Во Музејот на Македонија на 05.11.2026 (четврток) со почеток во 19ч. ќе се одржи ретроспективната изложба на македонското куклено наследство „Тивки актери, гласни приказни“.

Автор на изложбата е Љубица Велкова, а продукцијата е на театар Сенки и облаци

Секој театарски чин започнува со исчекување во темнината на салата, каде вниманието на публиката природно се фокусира врз физичкото присуство на актерот и експресијата на изговорениот збор. Меѓутоа, уметноста на куклениот театар крие еден поинаков, посуптилен феномен. Пред куклата да го започне својот сценски живот, пред воопшто да ѝ биде позјмен глас, таа веќе поседува сопствен естетски и емотивен карактер. Тој внатрешен идентитет е обликуван уште во самата структура на суровиот материјал, преку имагинацијата на дизајнерот, уметникот во сенка, чија визија и мајсторство му втиснуваат душа на она што дотогаш било само нема и празна  форма.

Изложбата „Тивки актери, гласни приказни“ ве повикува на ретко ретроспективно патување низ децениите на македонското кукларство. Од историските почетоци во 1946 година со визијата на Светлана Малахова, па сѐ до современите дизајни на Театарот за деца и младинци, оваа поставка го слави кукленото творештво не како минлива игра, туку како комплексна и рамноправна уметничка дисциплина.

Ослободени од сценската динамика и изложени во галерискиот простор, овие кукли не ја губат својата драмска функција, нивната неподвижност е само драмска пауза, а нивната тишина најгласниот говор на формите.


Поставката ја надраснува својата примарна ретроспективна функција, прераснувајќи во искрен апел за соодветни музеолошки стандарди, архивирање и сериозна институционална поддршка со цел трајно зачувување на нашето куклено творештво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс