Дојави за бомби на четири лета во Европа, проверки на аеродромите

Два авиона биле проверувани во Варшава, а закани биле пријавени и за летови што слетале во Мурсија и Софија. Аеродромот „Варшава Модлин“ привремено бил затворен

Дојави за бомби предизвикаа безбедносни проверки и промени во патувањето на четири патнички авиони во Европа денеска, 3 ноември. Случаите се однесуваат на летови што слетале во Полска, Шпанија и Бугарија, наведува СДК, повикувајќи се на Би-би-си.

Авион со 181 патник, кој полетал од лондонскиот аеродром Хитроу, наместо на варшавскиот аеродром „Шопен“, слетал на „Варшава Модлин“. Таму бил прегледан од специјализирани екипи, а аеродромот привремено бил затворен.

Дојави за бомби и на летови од Копенхаген и Манчестер

Закана добил и авион што летал од Копенхаген кон Варшава. Според данските медиуми наведени во извештајот, тој слетал на аеродромот „Шопен“ според планираното.

Во Шпанија, авион на „Рајанер“ од Манчестер извршил итно слетување на аеродромот во Мурсија по закана за бомба.

Бугарските медиуми објавиле дека и авион од Израел слетал во Софија откако била примена закана преку електронска пошта.

Случаите следуваат еден ден по пренасочувањето на летот на „Визер“ од Лондон за Софија кон Будимпешта. Тој авион при слетувањето бил придружуван од унгарско борбено летало.


Во извештајот не се наведени резултатите од проверките на четирите авиони, ниту дали постои поврзаност меѓу заканите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс