Полскиот премиер Доналд Туск објави дека синоќа Полска спречила потенцијална провокација на границата со руската енклава Калининград. Туск рече дека полските и сојузничките служби со недели предупредувале дека може да има „саботажа или посериозни провокации“ на границата со Русија, вклучително и „упад на вооружени лица на полска територија“.
Тој потврди дека кратко по полноќ бил информиран за сомнителни активности на северната граница на земјата, пренесува агенцијата Франс Прес. „Многу брзо ги испративме потребните сили и ресурси на таа локација. Успеавме да спречиме обиди за провокација, ако тоа беше намерата“, им рече Туск на новинарите. „Секако, никогаш нема да можеме целосно да го потврдиме тоа“, додаде полскиот премиер.
Тој оцени дека „тензиите“ и „ескалацијата од руска страна“ би можеле да продолжат и повика на одржување на високо ниво на подготвеност на безбедносните сили со цел да се спречат евентуални саботажи или провокации.
Полска често предупредува против Русија
Од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, Варшава постојано ја обвинува Русија за „саботажа“. Од почетокот на таа војна, Полска стана главен логистички центар за испорака на западна воена и хуманитарна помош во Украина.
Во септември, Туск предупреди дека како дел од нивната агресија, Русите планираат „хибридни“ напади со беспилотни летала и ракети врз сојузничките држави на Украина, пишува агенцијата Франс-прес.
