Македонија заедно со БИХ и Косово „не мрдаат“ на патот кон ЕУ

Брисел подготвува нови насоки за најнапредните кандидати за членство во Европската Унија. Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина добиваат сè поголемо внимание, додека Северна Македонија останува меѓу земјите чиј пристапен процес стагнира.

Додека Црна Гора се приближува до членството во Европската Унија, Северна Македонија останува во групата држави што заостануваат во процесот на проширување. Европската трка за членство добива нова динамика, но не сите кандидати напредуваат со исто темпо.

Според анализата на Еуроњуз , Европската комисија подготвува патокази за најнапредните кандидати, меѓу кои се Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.

Овој пристап може дополнително да ја зголеми разликата меѓу земјите што напредуваат и оние чии преговори со години се блокирани или се движат бавно.

Македонија заостанува во европската трка

Црна Гора се смета за најнапреден кандидат, иако и нејзиниот пат е оптоварен со билатерални прашања со Хрватска.

Албанија се наоѓа веднаш зад неа, но се соочува со политички тензии и протести поради контроверзен проект за изградба на туристички комплекс во заштитено подрачје.

Молдавија, според Еуроњуз, забрзано напредува, додека Украина очекува отворање на преостанатите преговарачки кластери до крајот на годината.

За разлика од нив, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово се соочуваат со стагнација на пристапните процеси.

Еуроњуз предупредува дека земјите што заостануваат ризикуваат да изгубат пристап до дел од регионалните средства на ЕУ во корист на најнапредните кандидати.

Ова ја отвора дилемата дали Европската Унија постепено создава две категории држави кандидати: оние за кои се подготвува конкретен пат кон членство и оние што остануваат во долготраен процес без јасен датум за завршување.

Во Брисел на 3 ноември се одржува самит посветен на проширувањето, на кој учествуваат политички лидери и претставници на земјите кандидати, вклучувајќи ја и Северна Македонија.


Прашањето за Македонија повеќе не е само кога ќе продолжат преговорите, туку и колку ќе се зголеми растојанието од соседите што веќе напредуваат кон членство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс