Култниот кружен шанк во Континентал станува сцена за урбана музика и виски

Шестото издание на фестивалот за виски отвора петгодишен циклус посветен на урбаната меморија и ретро естетиката на Скопје.

Хотел „Континентал“ на 6 и 7 ноември ќе биде домаќин на шестото издание на Skopje Whiskey Fest, настан што по пет години започнува нов циклус низ култни градски простори. Фестивалот ги обединува дегустациите на светски брендови, винил селекциите и локалната модна сцена, оживувајќи го духот на градот од седумдесеттите, осумдесеттите и деведесеттите години.

Овогодишната фестивалска поставеност го става во фокус кружниот шанк со препознатливиот кристален лустер во хотел „Континентал“. На овој пункт, во соработка со тимот на Jazzbina, ќе се служат авторски интерпретации и коктели инспирирани од некогашната угостителска понуда на хотелот.

На горниот кат од објектот ќе биде сместена специјална понуда на виски коктели што ќе ги подготвуваат обучени бармени.

Во големите фестивалски сали ќе се одвиваат главните дегустации каде што посетителите ќе можат да се запознаат со историјата и вкусовите на виски етикети од Шкотска, Ирска, Америка, Јапонија и Тајван. Бармените ќе ги презентираат карактеристиките, потеклото и традицијата на секој поединечен пијалак низ директна комуникација со публиката.

Овој концепт е осмислен како практично запознавање со занаетот и дестилериите, надвор од вообичаените масовни угостителски шеми.

Музичката програма на 6 ноември започнува со винил селекција на DJ Goce & Chvare, фокусирана на ретро звуци и југословенски грув. По нив настапува бендот Zanaduu, чиј израз комбинира ретро елементи со современ пристап.


Вечерта во живо ќе ја затвори составот KALI & THE OLD STARS со специјални интерпретации на нумери од таа ера. Визуелниот идентитет го надополнува костимографијата изработена со модното студио KOKEV, инспирирана од кроевите на кројач Ангелковски и чизмите на Zoya, а организаторите ги повикуваат и гостите да се приклучат кон ретро стилот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс