Квир програмата на „Прво па женско“ се отвора со изложба, сафичко читање и забава во „Љубов“

Аналогни фотографии на Dykehand, отворен микрофон со Дафина Веселиновска и музика со Матеј, Лила и Мариго ја сочинуваат програмата за 6 ноември. Влезот е слободен

Квир програмата на 14. издание на феминистичкиот фестивал „Прво па женско“ започнува во петок, 6 ноември, од 20 часот во „Љубов“, Скопје. Во рамките на есенското издание, кое се одржува под темата „Мајчинствување“, вечерта ќе обедини изложба на аналогни фотографии, сафичко читање со отворен микрофон и диџеј забава.

Програмата почнува со отворањето на „По рацете“, изложба што го пренесува проектот Dykehand од дигиталниот простор во „Љубов“. Преку аналогни фотографии на лезбејски раце, проектот ги истражува желбата, копнежот по допир и начините на меѓусебно препознавање кога интимноста не може јавно да се изрази.

Од 20:15 часот следува „Драга Сафо“, сафичко читање со Дафина Веселиновска. Отворениот микрофон е наменет за сите што сакаат да споделат свои или омилени сафички песни, прозни извадоци, писма и лични белешки. Заинтересираните за учество можат да се пријават со директна порака до „Тиииит! Инк.“ на Инстаграм.

Вечерта продолжува од 21:30 часот со забавата „Sapphic Rendezvous“ и музички избор на Матеј, Лила и Мариго. Забавата е замислена како FLINTA* простор, акроним што опфаќа жени, лезбејки, интерсекс, небинарни, транс и ародови лица. Добредојдени се и сојузниците и сојузничките кои ги почитуваат гостите и просторот.

Влезот за целата вечер е слободен.


„Прво па женско“ 14 е поддржан во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го спроведува Heartefact Fund. Фестивалот е финансиран од Шведска, Kvinna till Kvinna, Equality Fund и Global Fund for Women.

е-Трн да боцка во твојот инбокс