Италијанскиот готвач Давиде Тамбурела доби отказ од ресторан во австралискиот град Бризбејн откако одби да подготви пица со ананас. Тој тврдеше дека таквото барање претставува директна навреда за неговото потекло и кулинарската традиција. По отпуштањето од работа, Тамбурела поднесе тужба за неправедно отпуштање пред австралиската Комисија за фер работни односи, но институцијата го отфрли неговото барање.
Австралискиот национален трибунал за работни спорови ја затвори правната постапка што ја покрена Тамбурела. Комисијата за фер работни односи утврди дека готвачот ја поднел жалбата по истекот на законскиот рок, а воедно оцени дека случајот не ги исполнува критериумите за неосновано бркање од работа.
Со ова заврши институционалната постапка против ресторанот „Ла Коста“ во Бризбејн. Таму Тамбурела во мај доби отказ по третото одбивање во период од четири години да подготви класична хавајска пица со шунка и ананас.
Поранешниот сопственик на локалот, Елиот Инграм, изјави дека зад одлуката стоеле повеќе фактори, а не само одбивањето на рецептот. Според наводите на менаџментот доставени до комисијата, готвачот користел непримерен јазик и покажувал фрустрација во кујната.
Тамбурела претходно барал од раководството да разбере колку за италијанските готвачи е неприфатливо додавањето тропско овошје врз тестото. Ресторанот „Ла Коста“ подоцна целосно прекина со работа поради високите трошоци за кирија во тој дел од градот.
Рецептот за хавајска пица потекнува од 1962 година, кога грчкиот доселеник Сем Панопулос во Онтарио, Канада, за првпат додаде конзервиран ананас во комбинација со шунка врз доматен сос и сирење. Името не доаѓа од американската сојузна држава Хаваи, туку од брендот на конзервираното овошје што тогаш го користел.
Италијанската кулинарска пракса строго го отфрла овој спој како отстапување од класичните стандарди. Кај нас, како и во поголемиот дел од урбаните средини во регионот, оваа комбинација е присутна во менијата на локалните пицерии, но кај професионалните готвачи се третира како комерцијален компромис, а не како автентична пица.
По судската одлука, Тамбурела започна да работи како главен готвач во ресторанот „Дон Џино“ во западниот дел на Бризбејн. На нивното мени нема понуда со ананас.
