Тесла следната година постепено ќе ја затвори производната линија на електричниот пикап Сајбертрак во погонот во Остин, Тексас. Илон Маск најави дека фабричкиот капацитет ќе се искористи за зголемување на производството на автономното возило Сајберкаб, наменето за превоз на патници без возач. Информацијата, надополнета со јавни пораки од главниот инженер на проектот, сигнализира крај за футуристичкото возило кое од премиерата се соочуваше со сериозни производствени и пазарни пречки.
Производството на челичниот пикап во матичната фабрика во Тексас целосно ќе згасне околу средината на 2027 година. Маск ја образложи одлуката со потребата за прераспределба на просторот и ресурсите кон роботакси возилата, иако не прецизираше дали моделот дефинитивно заминува во историјата или ќе се сели на друга локација.
Главниот инжинер на проектот, Вес Морил, објави порака на мрежата Икс со која практично се прости од моделот. Морил напиша дека ова возило било извонредна платформа за развој на технологијата и дека неговото наследство продолжува да живее низ новиот Сајберкаб. На коментар од сопственик кој го нарече пикапот најдоброто возило на компанијата, Маск кусо одговори со зборот „вистина“, додавајќи дека веќе произведените примероци уште долго ќе се движат по патиштата.
Уште од првото претставување во 2019 година, кога на презентацијата му пукнаа наводно неоклопните стакла, Сајбертрак се соочуваше со низа проблеми. Купувачите со месеци пријавуваа корозија на не’рѓосувачкиот челик, дефекти на педалата за забрзување и софтверски откази што резултираа со неколку официјални повлекувања од пазарот.
Возилото никогаш не доби официјална дозвола за масовна продажба во Европската Унија. Строгите европски стандарди за безбедност на пешаците и острите челични рабови на каросеријата го оневозможија неговиот увоз, па моделот остана практично непостоечки на европските патишта.
