Најмалку 12 европски летови во четвртокот беа цел на закани за бомба. Најмалку два лета беа пренасочени, а неколку авиони добија воена придружба, објави „Еуроњуз“, повикувајќи се на властите и на авиокомпаниите.
Авионот од Даблин за Рим безбедно слета во воената база во Евре, во северна Франција. Францускиот премиер Себастијан Лекорни соопшти дека сите 151 патник и шесте членови на екипажот биле пренесени на безбедно и дека на местото биле испратени екипи за деактивирање експлозивни направи.
Чешката полиција пријави закани за четири лета кон Прага, а бугарските власти за три лета на „Рајанер“ кон Софија. Авионите од Копенхаген и Мадрид слетаа во Софија, додека летот од Лондон беше пренасочен кон Пловдив. Дојави имаше и за летовите од Хелсинки кон Рим и кон Виена. Двата авиона слетаа безбедно.
Во вторникот слични закани беа пријавени на околу десет европски летови, поради што накратко беше затворен аеродром во Варшава. Британската влада ги опиша дојавите од вторникот како намерно лажни.
Извор · „Еуроњуз“
