Коалицијата МАРГИНИ упати остра реакција до Министерството за образование и наука поради бришењето на содржините за сексуална различност и хомофобија од наставната програма, која наместо „Сеопфатно сексуално образование“ сега гласи „Здравје и заштита на здравјето“. Оваа институционална ревизија претставува директно попуштање пред антиродовите притисоци. Со ваквиот потег, државата ја ослабува заштитата на најранливите ученици токму во средината каде што тие секојдневно се соочуваат со врсничко насилство и системска изолација.
„Коалиција МАРГИНИ остро реагира на отстранувањето на содржините за сексуалната различност и хомофобијата од наставната програма „Сеопфатно сексуално образование“, сега преименувана во „Здравје и заштита на здравјето“. Оваа ревизија е последниот во серијата удари врз родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ луѓето, преку кои притисоците на антиродовите актери и црковните авторитети добиваат сè поголем простор во институционалното одлучување.
Покрај бришењето на поимот „род“ и измените во содржините за контрацепција, темата „Сексуални и репродуктивни права“ е преименувана во „Права и одговорности поврзани со здравјето“. Од содржината за дискриминација се отстранети сексуалната различност и хомофобијата.
МОН должи јавно објаснување врз основа на кои стручни сознанија е направена оваа измена и како таа придонесува за целите на образованието.
Училиштето не е безбедно за сите. Тоа го знаеме, бидејќи го имаме документирано.
Истражувањата покажуваат дека речиси 37% од учениците посочиле дека во нивното училиште се случило врсничко насилство врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет. Во Северна Македонија, 63% од ЛГБТИК учениците го кријат својот идентитет на училиште, а 61% од испитаниците посочиле дека ЛГБТИК прашањата никогаш не биле опфатени во нивното образование.
Дополнително, во истражувањето на Коалиција МАРГИНИ „Опасност од (не)постоење“, за периодот 2021–2023 година се документирани 255 случаи на институционално насилство врз ЛГБТИК+ лица, од кои 82 во образованието.
Овие податоци бараат јасна образовна политика за спречување на хомофобијата и заштита на младите, а МОН одговара со отстранување на нејзиното експлицитно изучување и со тоа ја ослабува програмската обврска да се препознаваат и оспоруваат предрасудите што го овозможуваат насилството.
ЛГБТИ младите имаат право да живеат слободно и да ги развиваат своите способности и амбиции.
Нивните таленти, знаења и успеси се дел од културата, науката, спортот и општествениот живот. Тие учат, создаваат, работат и придонесуваат во своите заедници. Криењето, стравот и постојаното справување со предрасуди ги ограничуваат можностите за нивниот развој. Токму институциите имаат обврска да ги отстрануваат овие пречки.
МОН мора да престане да ја приспособува образовната политика на предрасудите.
Со отстранувањето на оспоруваните содржини, Министерството ја зацврстува моќта на антиродовите актери да определуваат чии искуства смеат да бидат именувани во образованието. Цената на ваквото повлекување ја плаќаат младите чии права и безбедност веќе се загрозени. Јавното негодување против нивната рамноправност не смее да стане критериум за наставните програми.
Коалиција МАРГИНИ бара:
- Враќање на експлицитните содржини за сексуалната различност и хомофобијата, како и на отстранетите содржини за родова еднаквост и сексуални и репродуктивни права.
- Објавување на стручните мислења и образложенијата врз основа на кои се направени измените.
- Достапни и доверливи механизми за пријавување и заштита од хомофобично и трансфобично насилство во училиштата, со одговорност за непостапувањето.
- Суштинско учество на младите и организациите што ги застапуваат нивните права во креирањето и следењето на образовните политики.
Ги повикуваме младите да се спротивстават на политиките што ја ограничуваат нивната слобода и ја прават еднаквоста предмет на политичко пазарење. Поврзувајте се, поддржете ги своите пријатели, застанете против хомофобијата и барајте одговорност од институциите. Вашите искуства, знаења и амбиции треба да влијаат врз одлуките за заедничката иднина. Токму преку организирање и солидарност ја градиме силата да го браниме правото на слободен и рамноправен живот“ се вели во соопштението на МАРГИНИ.
