Лажна дојава за бомба евакуираше над 1.500 луѓе од крузер во Грција

Патниците на бродот „Кроун Ајрис“ минаа неколку часа на копно додека специјални нуркачки тимови го проверуваа трупот.
Фото: Photo by Joe deSousa on StockSnap

Вкупно 1.537 патници и членови на екипажот беа итно евакуирани од патничкиот брод „Кроун Ајрис“ во пристаништето на грчкиот остров Сирос, откако преку радиоврска пристигна анонимна закана за поставен експлозив. Грчката крајбрежна стража веднаш активираше безбедносен протокол, ги префрли луѓето на безбедно во локалните општински простории и започна детална инспекција на пловниот објект. Прегледот покажа дека станува збор за лажна дојава, па бродот набрзо доби дозвола да го продолжи патувањето кон Хаифа.

Анонимното предупредување стигнало директно до екипажот преку VHF радиоканал, со тврдење дека под трупот на бродот е прикачена експлозивна направа. Капетанот без одложување ги известил пристанишните власти на Сирос, по што започнала организирана евакуација на сите 940 патници и 597 членови на екипажот.

Луѓето беа привремено згрижени во сали обезбедени од локалните власти на Сирос и Ермуполи. Во акцијата за проверка учествуваа специјална единица на грчката крајбрежна стража, куче обучено за откривање експлозиви и професионален нуркач кој детално го провери подводниот дел на пловилото под панамска знаме. Експлозив не беше пронајден, со што надлежните потврдија дека нема опасност и дозволија враќање на патниците.


Инцидентот во Егејското Море се случи во ист ден кога најмалку седум патнички авиони низ Европа добија слични дојави за поставени бомби, што доведе до сериозни одложувања на летовите и пренасочувања на аеродромите. Ниту една од тие закани не се покажа како реална, но безбедносните протоколи наложија ригорозни проверки на сите пријавени локации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс