Каде завршија милионите: БИРН објави детали за падот на српската АЛТА банка

Официјалните документи на централната банка покажуваат хаос со ликвидноста и сомнежи за фиктивен кеш пред одземањето на дозволата.
Фото: Alta Bank, corner of Zorana Đinđića and Umetnosti boulevards, Belgrade

Српската АЛТА банка со месеци имала сериозни проблеми со ликвидноста пред Народната банка на Србија (НБС) наеднаш да ѝ ја одземе дозволата за работа, покажува решението на централната банка до кое увид имаше истражувачката мрежа БИРН. Иако банката во своите извештаи книжела над пола милијарда евра во готовина, падот следи по масовно повлекување на депозити. Сопственикот Давор Мацура заврши во притвор под сомнение за изнесување на 380 милиони евра од трезорот.

Според увидот на БИРН во официјалното решение на НБС од 31 октомври 2026 година, АЛТА банка на 30 септември пријавила неверојатни 60 милијарди динари во благајната. Тоа изнесува повеќе од половина милијарда евра во банкноти и кован паричен фонд. Од таа сума, околу 100 милиони евра биле во странски валути, а остатокот во српски динари.

Експертите за банкарство отвораат прашање дали таа готовина воопшто некогаш физички постоела во просториите на банката. Волуменот и тежината на толкава количина пари се мерат во тони и бараат сериозна транспортна логистика со камиони, а не неколку вреќи изнесени преку ноќ. Доколку реалниот кеш навистина бил таму, тој логично би бил искористен за санирање на ликвидносниот јаз, наместо банката да влезе во колапс.

Решението на регулаторот открива дека приближно една четвртина од сите депозити, односно околу 400 милиони евра, припаѓале на јавниот сектор, јавни предузетија и банки во стечај. АЛТА банка ги привлекувала овие средства преку невообичаено високи пасивни камати од 5,61 отсто за динари и 4,58 отсто за евра.

Просечната камата на депозитите во оваа банка достигнала 3,13 отсто, наспроти просекот од 1,59 отсто на ниво на целиот српски банкарски сектор. Ваквиот модел создал хроничен негативен јаз: трошоците за чување пари растеле, додека приходите од пласираните кредити не можеле да го покријат растот.

Концентрацијата на ризикот била критична: десетте најголеми депоненти држеле над 21 отсто од вкупните депозити во банката. Паниката ескалирала на 28 и 29 октомври, кога клиенти повлекле приближно 140 милиони евра за само 48 часа.

На 30 октомври банката веќе престанала да ги извршува налозите и обврските кон клиентите и доверителите. Ден пред конечното одземање на лиценцата, НБС не испратила теренска контрола, туку ѝ наложила на самата АЛТА банка во рок од три работни дена да ја преброи готовината во сопствениот трезор.


Судот ја одреди Агенцијата за осигурување на депозити за стечаен управник, иако и самата агенција имала сопствени средства заробени на сметките на пропаднатата банка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс