Среде шпекулациите дека Арбен Шаќири заминува, а МКЦ добива нов директор во ликот на Димче Арсовски, дојде веста дека Русе Арсов си заминува од МКЦ. Културниот работник кој, во споредба со претходниве двајца, единствен има вистинско значење за МКЦ, независната култура и Убавиот Град Скопје.
Русе е продуцент по образование, културен работник по професија и човек кому МКЦ му е добар дел од животот. Во именикот ми е запишан како Русе МКЦ, неговата работа ја знаат генерации публика што растат со МОТ, со концертите, филмовите и со сè она поради кое МКЦ ни е важен. Зад себе има искуство во независната сцена преку „Т-Хаус“ и ЦК, како програмски уредник, продуцент, селектор и директор на МКЦ. МОТ е посебен дел од таа приказна, фестивалот кој, како што самиот вели, го пораснал, го школувал и го изградил. И човек со кого ја делиме љубовта кон Убавиот Град Скопје.
Во 2019 година, Русе се најде во центарот на иницијативата Не го чепкајте МКЦ, кога повеќе од двеста културни работници застанаа зад Русе Арсов во моменти кога сегашниот (веројатно во заминување) директор, Арбен Шаќири се обидуваше да го преземе управувањето со Младинскиот културен центар.
Во отвореното писмо до тогашниот премиер Зоран Заев, културните работници меѓу другото аргументираа и вака:
„…Русе Арсов, е поникнат во МКЦ и најголем дел од неговиот работен век го помина во оваа институција. Неговото искуство и суштинско познавање на независната сцена и култура, неговата отворена и непречена поддршка кон културните работници, како и неговата соработка со успешниот тим на МКЦ се суштествени за продолжувањето на добрата работа на оваа институција. Континуираниот процес на работа е од есенцијално значење не само за македонската култура, туку и за општиот развој на вредностите на нашата општествена сцена.“
И таа аргументација беше прифатена, а Русе продолжи да го води центарот.
Не смееме да помислиме дека постоењето и развојот на една институција како МКЦ зависат од само еден човек. Но, секако зависи од тоа дали личноста која е поставена да ја води таа институција е подготвена, обучена и има желба и визија како таа институција да напредува. Тоа го увидовме во периодот меѓу 2019 и оваа, 2026 година, период во кој МКЦ доживеа (благо кажано) неверојатен пад.
Во 2019 година, МКЦ реализирал 666 настани со 113.285 посетители, а во 2025 година посетеноста паднала на 23.045, речиси петпати помалку. Со публиката се губеше и сопствената продукција, програмскиот континуитет и врската со генерациите што растат во МКЦ, додека центарот сè повеќе стануваше простор за изнајмување и генерално само сенка на некогашниот „25. Мај“ во кој се формираа многу генерации млади (и не толку млади) желни за културен живот соодветен на една европска престолнина како Скопје.
Русе го завери „разводот со МКЦ“ на Инстаграм, раскажувајќи приказна за еден ручек со другарите од МКЦ, со ракија и шприцер, многу смеење и „новиот колега“ кој со една здравица ги убедува сите дека „ќе биде ОК“. Оваа криптична формулација не кажува многу за „новиот колега“ кој има способност со една здравица да ги убеди сите дека „ќе биде Ок“. А и не мора да каже. Можеме сами да заклучиме.
Не дека го жалам Арсов. Тој е вреден, способен човек, сериозен професионалец кој ќе си го најде своето место на сцената. Само ми е криво што такви професионалци ги напуштаат јавните институции по поминати „години на беда, порази, тотално професионално и човечко деградирање, негирање, политичко етикетирање, трагедии, откажување, дебелеење, инфаркт, слабеење, губење на себе си, губење на пријателите…“ како што вели Арсов.
Не знаеме точно дали човекот Димче Арсовски е или ќе биде именуван за директор на МКЦ. Тоа се шпекулации кои веќе некое време се повторуваат по скопските кафичи и гостилници, а и една политичка партија излезе со такво тврдење.
Димче Арсовски има искуство во партиската комуникација и политичките кампањи. Но, не е културен работник. Ама, ете… изгледа има желба да стане. Нема да е прв пат политиката така да исполни нечија желба. Го чепнаа МКЦ.


