Израелскиот претседател Исак Херцог му го довери мандатот за формирање нова влада на Гади Ајзенкот, еден од главните противници на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Одлуката следува по изборите одржани минатиот месец, кои ја доведоа земјата во политички ќор-сокак, откако коалицијата на Нетанјаху не успеа да обезбеди мнозинство во Кнесетот, објави „Гардијан“.
„Исак Херцог го извести лидерот на партијата Јашар, Гади Ајзенкот, за намерата да му го довери мандатот за формирање влада“, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот. Официјалното доделување на мандатот треба да се одржи на церемонија во претседателската резиденција во Ерусалим.
Политичката иднина на Бенјамин Нетанјаху, израелскиот премиер со најдолг стаж, стана неизвесна откако неговата религиозно-националистичка коалиција го загуби парламентарното мнозинство на изборите на 27 октомври. И покрај тоа, неговиот политички блок и понатаму е најголемата групација во парламентот.
Ајзенкот пред предизвикот да обезбеди мнозинство
Ајзенкот, поранешен началник на Генералштабот на израелската армија, сега треба да обезбеди поддршка за формирање влада. Неговиот блок ги обединува партиите што се противат на Нетанјаху, но досега одбивал соработка со арапските партии.
Сепак, лидерите на арапските партии го номинирале Ајзенкот за време на консултациите со претседателот Херцог. Нивниот потег е мотивиран од незадоволството од политиките на Нетанјаху и неговите сојузници од крајната десница, а нивната поддршка би можела да биде пресудна за создавање ново парламентарно мнозинство и формирање влада.
