Рака со прстен: Како Вилхелм Рендген ги откри Х-зраците на 8 ноември 1895 година

Едно светнување во темна лабораторија во Вирцбург ја промени медицината. Нобеловецот ја донирал наградата и не побарал патент за откритието.

Рендгенските зраци се откриени во петокот, 8 ноември 1895 година, во затемнета лабораторија на Универзитетот во Вирцбург. Педесетгодишниот професор по физика Вилхелм Конрад Рендген ја покрил катодната цевка со црн картон и забележал дека флуоресцентниот екран, поставен неколку метри подалеку, светнува. Некакви зраци минувале низ картонот, но тој не знаел за што станува збор, па ги нарекол Х-зраци, користејќи ја ознаката за непозната величина во математиката. Оттогаш, 8 ноември се одбележува како Светски ден на радиографијата.

Следните шест недели Рендген речиси не ја напуштал лабораторијата, а понекогаш спиел и во неа. На 22 декември 1895 година ја снимил левата рака на сопругата Ана Берта Лудвиг. На снимката јасно се гледале коските и бурмата на нејзиниот прст. Шест дена подоцна го објавил научниот труд „За еден нов вид зраци“. За неколку месеци откритието го запознал целиот научен свет, а лекарите почнале да ги користат зраците за да ѕирнат во човечкото тело без да го отвораат.

Рендген во 1901 година ја добил првата Нобелова награда за физика во историјата. По природа бил срамежлив и одбил да одржи Нобелово предавање. Според историските записи, паричниот износ од наградата му го донирал на Универзитетот во Вирцбург, а откритието никогаш не го патентирал, за да може слободно да се користи.

Не сите се радувале на неговиот успех. Унгарскиот физичар Филип Ленард, кој ја усовршил цевката за катодни зраци што ја користел Рендген, сметал дека заслугите за откритието му припаѓаат нему. Иако и Ленард добил Нобелова награда во 1905 година за истражувањата на катодните зраци, со децении се обидувал да го омаловажи придонесот на Рендген. Неговата огорченост, пишуваат историчарите, со текот на времето се претворила во германски национализам и антисемитизам во 1930-тите години.

Опасноста од зрачењето во почетокот не била позната. Во САД и во Франција, на пример, Х-зраците се користеле дури и во козметички салони за отстранување влакна. Поминале години пред медицината да утврди кои дози на зрачење се безбедни и како да се заштитат пациентите и медицинскиот персонал.

Сто и триесет и една година подоцна, современата медицина не може да се замисли без радиологијата, но недостигот од исправни апарати и натаму е сериозен проблем. Во октомври, двата компјутерски томографи на Универзитетскиот институт за радиологија во Скопје беа во дефект, а итните пациенти беа пренасочувани во ГОБ „8 Септември“ и во Клиниката „Св. Наум Охридски“.


Првиот апарат беше поправен на 9 октомври, а Институтот работеше во две смени и за време на викендите за да ги надомести одложените прегледи. На Институтот се вршат до 100 КТ-прегледи дневно. Во тој период пациентите јавно се пожалија дека за ПЕТ-скенер се чека по пет месеци, а за компјутерска томографија или магнетна резонанца од три до четири месеци. Од Институтот одговорија дека итните случаи се снимаат веднаш, додека онколошките пациенти чекаат до една недела за КТ и до еден месец за магнетна резонанца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс