„Икс“ постепено воведува нова верзија на својата веб-апликација, која треба да биде значително побрза од досегашната. Подобрената верзија засега им станува достапна на најавените корисници, а нејзиното воведување се одвива постепено, по земји. Инженерите на компанијата најавуваат голем скок во перформансите, а првите впечатоци на технолошките експерти укажуваат дека подобрувањата не се само ветување.
Главниот инженер на „Икс“, Јагиз Низипли, во официјална објава објасни какви промени се направени. Според податоците што ги сподели, разликата е најзабележлива при пристапување до платформата преку многу бавна интернет-врска. Во старата верзија корисниците понекогаш чекале повеќе од 22 секунди, гледајќи го само логото на платформата, пред на екранот да се појави првата објава. Со новата верзија, овој процес е драстично забрзан и првата содржина се прикажува за само 2,7 секунди.
Зад подобрувањето стојат значителни технички промени во архитектурата на системот. Инженерите одлучиле да ги заменат трите досегашни сервери, кои одделно ги обработувале барањата на обичните корисници, пребарувачите и прегледите на линковите.
Сега сите овие операции се извршуваат преку еден оптимизиран сервер.
Истражувачката за дигитална безбедност Џејн Манчун Вонг веќе добила ран пристап до новата апликација и ги споделила своите позитивни впечатоци. Таа навела дека апликацијата реагира исклучително брзо, се вчитува без долго чекање и во многу делови функционира значително поефикасно.
