Европската комисија објави нови упатства со кои ги повикува граѓаните на Европската Унија да имаат залихи за 72 часа, односно доволно храна, вода и основни потрепштини за првите три дена од криза или катастрофа. Целта е домаќинствата да можат самостојно да се снаоѓаат додека не пристигне организираната помош од јавните служби. Упатствата ги претстави европската комесарка за еднаквост, подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб, на Европскиот форум за цивилна заштита во Брисел.
Според Лахбиб, во кризни моменти првите часови се пресудни, па секој граѓанин треба да знае како да го заштити своето семејство и како да им помогне на другите. Подготовката, смета таа, почнува дома, во училиштата и во локалните заедници. Пакетот се состои од четири упатства за подготвеност на населението, а секое од нив е придружено со збирка добри практики од земјите членки и пошироко.
Најголемиот акцент е ставен на тридневната самодоволност. Комисијата советува домаќинствата да чуваат основни залихи, но и однапред да спакуваат торба или ранец со најнеопходните работи за случај на итна евакуација. Уште кога ја најави европската стратегија за подготвеност во март 2025 година, Лахбиб во видеообраќање на социјалните мрежи наброја што би требало да содржи таквиот пакет: храна и вода, фенерче, пренослив полнач, радио, готовина и лекови.
Освен залихите, упатствата опфаќаат уште три области. Првата е воведување едукација за кризи во градинките и основните училишта, преку активности приспособени на возраста на децата и без да се предизвикува страв. Втората опфаќа посебни мерки за заштита на лицата со попреченост, за никој да не биде заборавен кога системот е под притисок, а третата се однесува на појасно и побрзо известување на јавноста за опасностите од страна на надлежните власти. Упатствата не се правно обврзувачки, но се дел од пошироката европска стратегија за отпорност на кризи.
Комисијата предлага и официјален Европски ден на подготвеност, кој би се одбележувал секоја година на 23 октомври, почнувајќи од 2027 година. Датумот е избран затоа што на 23 октомври 2001 година е основан Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Предлогот произлегува од Европскиот граѓански панел за подготвеност, на кој 150 граѓани од сите земји членки, во периодот од март до мај оваа година, побараа поголемо вклучување на јавноста во системите за заштита и спасување, па дури и воведување цела Недела на подготвеност. Лахбиб најави дека предлогот ќе им го достави на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент.
Покрај упатствата за граѓаните, Брисел неодамна донесе и препорака до земјите членки за редовно спроведување стрес-тестови и изработка на планови за непрекинато работење. Од националните центри за цивилна заштита се бара да работат и да ја координираат помошта 24 часа на ден, дури и во случај на прекин на снабдувањето со електрична енергија, пад на комуникациските мрежи или сајбер-напад. Целата стратегија се потпира на извештајот на поранешниот фински претседател Саули Нинисте, кој предупреди дека, поради сè почестите климатски непогоди и геополитичките закани, Европа мора да изгради култура на подготвеност во сите слоеви на општеството.
Македонија не е членка на Унијата и упатствата формално не се однесуваат на нејзините граѓани. Сепак, земјата е една од десетте држави учеснички во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Молдавија, Црна Гора, Норвешка, Србија, Турција и Украина. Механизмот беше активиран по пожарот во дискотеката во Кочани во март 2025 година, кога ЕУ обезбеди евакуација и лекување во странство за 40 пациенти, како и во летото 2025 година, за справување со шумските пожари. Во рамките на домашниот Центар за управување со кризи, Државниот оперативен центар работи деноноќно, што е токму стандардот што Брисел сега го бара од земјите членки.
