ез разлика дали утрото го започнувате со свежо сварено кафе или со шолја топол чај, омилениот напиток може да понуди повеќе од кофеин и пријатен ритуал. И кафето и чајот содржат растителни соединенија што можат да имаат здравствени придобивки, меѓу кои и оние што придонесуваат за здравјето на црниот дроб, пишува „Итингвел“.
Ниту еден од овие напитоци сам по себе не може целосно да го промени здравјето на црниот дроб. Сепак, изборот на она што го пиеме, како дел од севкупно здравиот начин на живот, може да придонесе за негово зачувување.
„Пошироката слика за здравјето на црниот дроб не се однесува само на секојдневната навика да се пие одреден напиток, туку и на целокупната исхрана, внесувањето алкохол, нивото на физичка активност и општото метаболичко здравје“, вели нутриционистот Александар ЛеРиц.
Во продолжение, нутриционистите објаснуваат како кафето и чајот влијаат врз здравјето на црниот дроб и на што треба да обрнеме внимание при изборот.
Како кафето влијае врз здравјето на црниот дроб?
Истражувањата укажуваат дека кафето може да придонесе за здравјето на црниот дроб преку намалување на воспалението и ризикот од заболувања на овој орган.
Студија во која учествувале повеќе од 355.000 возрасни лица покажала дека луѓето кои редовно пијат кафе имаат помал ризик од цироза и смрт предизвикана од заболувања на црниот дроб во споредба со оние кои не пијат кафе. Цирозата е напредна форма на заболување при која црниот дроб претрпува значителни оштетувања поради долготрајно воспаление.
Придобивките се забележани и кај кафето со кофеин и кај она без кофеин. Тоа укажува дека ефектите не се поврзани само со кофеинот, туку можеби повеќе зависат од полифенолите и другите растителни соединенија што ги содржи кафето, објаснува нутриционистката Меридан Зернер.
„Кафето содржи бројни соединенија, како што се кофеинот, хлорогенските киселини и други растителни состојки, кои можат да имаат антиоксидативно, противвоспалително и антифибротично дејство. Тоа би можело да објасни зошто пиењето кафе се поврзува со подобро здравје на црниот дроб“, наведува ЛеРиц.
Други биоактивни полифеноли во кафето можат да ја подобрат чувствителноста на инсулин и да влијаат врз метаболизмот на мастите во црниот дроб, намалувајќи го нивното создавање и зголемувајќи го нивното искористување.
Како чајот влијае врз здравјето на црниот дроб?
Редовното пиење чај може да се поврзе со помало воспаление на црниот дроб и понизок ризик од тешки заболувања на овој орган. Биоактивните соединенија во чајот, особено катехините, имаат антиоксидативни и противвоспалителни својства што можат да придонесат за здравјето на црниот дроб.
Прелиминарните истражувања укажуваат дека ефектите може да се разликуваат во зависност од видот на чајот. Неферментираниот зелен чај содржи повеќе антиоксиданси, додека ферментираниот зелен чај може да има поголемо влијание врз натрупувањето масти во црниот дроб.
Зелениот чај е особено проучуван поради неговото влијание врз здравјето на овој орган. Тој содржи големи количества епигалокатехин-3-галат, полифенол што може да обезбеди заштита од метаболички поврзаната стеатотична болест на црниот дроб (МАСЛД), наведува нутриционистката Лиса Ендрус.
Други истражувања укажуваат и на поврзаност меѓу пиењето зелен чај и помалиот ризик од рак на црниот дроб, додава таа.
Кафе или чај – кој напиток е подобар за црниот дроб?
И кафето и чајот можат да придонесат за здравјето на црниот дроб. Сепак, според експертите, кафето засега има поголема научна поткрепа, бидејќи постојат повеќе истражувања што ги потврдуваат неговите потенцијални придобивки. Сепак, Ендрус препорачува да го изберете напитокот во кој уживате, бидејќи и двата можат да имаат позитивен придонес.
„Ако повеќе сакате чај отколку кафе, нема причина да чувствувате притисок да преминете на кафе“, додава ЛеРиц.
Она што го додавате во шолјата, сепак, може да биде поважно за здравјето на црниот дроб отколку самиот избор меѓу кафе и чај. Додатоците во кафето, како павлаката и засладувачите, можат да ги намалат неговите здравствени придобивки бидејќи го зголемуваат внесувањето калории, шеќер и заситени масти – состојки што се поврзуваат со послабо здравје на црниот дроб.
Освен тоа, придобивките од кафето може да бидат малку помали кога во него се додаваат шеќер или засладувачи, забележува Зернер.
