Што се менува за клиентите на „Алта банка“ од 9 ноември? Лимит од 15.000 денари и шалтери во Тетово и Струмица

Народната банка ги ублажува ограничувањата една недела по воведувањето привремена администрација во битолската банка. Парите на клиентите остануваат на сметките, а за депозитите до 30.000 евра гарантира Фондот за осигурување на депозити.

Клиентите на „Алта банка“ АД Битола од утре, ќе можат да подигнуваат и да трошат повеќе пари од своите сметки. Неделниот лимит за подигнување готовина од банкомат и за плаќање со картичка во продавници се зголемува од 10.000 на 15.000 денари, објави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Истиот ден ќе бидат отворени и шалтери во Тетово и Струмица, па клиентите од овие градови и околината повеќе нема да мора да патуваат до Битола.

Шалтерите се наменети за клиентите кои немаат платежна картичка и таму ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели. Досега тоа беше можно само во филијалата во Битола, па Народната банка во саботата организираше превоз за клиентите од Прилеп, Охрид и Ресен. Банката во текот на денот им исплати пари на 360 граѓани од овие три града, а според Народната банка, просечниот износ што клиентите го подигнувале во изминатите денови бил меѓу 16.000 и 19.000 денари.

Третата промена се однесува на платите, пензиите и социјалната помош. Новите приливи од институции и компании што имаат сметки во други банки ќе можат да се подигнат во целост, без неделен лимит. Ова не важи за парите што клиентите веќе ги имаат на сметките, бидејќи за нив ограничувањата остануваат во сила. Народната банка нагласува дека средствата не се одземени, туку само се овозможува нивно постепено подигнување.

Ограничувањата беа воведени на 1 ноември, кога Народната банка воведе тримесечна привремена администрација во банката. Повод за тоа беше одлуката на Народната банка на Србија од 30 октомври да ѝ ја одземе дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, која е мнозински сопственик на битолската банка. За администратори се именувани Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска. Банката во Македонија продолжува да работи, не е во стечај, а регулаторот ја оценува како ликвидна и високо капитализирана. Кредитите и понатаму мора редовно да се отплаќаат.

Многумина се прашуваат што би се случило со штедните влогови во најлош случај. Фондот за осигурување на депозити гарантира исплата до 30.000 евра во денарска противвредност по штедач во една банка, при што се собираат сите негови сметки во таа банка. Фондот не врши исплата додека банката работи, а средствата над гарантираниот износ, во случај на стечај, се побаруваат од имотот на банката. Во Србија, каде што српската „Алта банка“ отиде во стечај, гарантираниот износ е 50.000 евра, а штедачите ги обесштетува државната Банка Поштанска штедионица.


Случајот стана и политичка тема, со меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата. Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, во саботата порача дека депозитите на граѓаните се заштитени со закон и дека нема причина за паника. Тој најави дека Владата ќе реагира против, како што рече, ширењето дезинформации за финансискиот сектор. Народната банка најави дека ќе ги преиспитува ограничувањата во зависност од развојот на состојбата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс