Што ја очекува криптоиндустријата по победата на демократите во САД?

Изборниот резултат не го поништува она што криптоиндустријата веќе го доби во изминатите две години, но ја менува распределбата на политичката моќ. Главната битка сега се префрла од пишувањето закони кон контролата врз тоа како регулаторите ќе ги толкуваат и спроведуваат.

Американската криптоиндустрија влезе во изборната трка како еден од најголемите политички финансиери во овој изборен циклус, а од неа излезе со Конгрес во кој демократите имаат мнозинство во двата дома. Криптополитичките комитети, предводени од организацијата „Феаршејк“ (Fairshake), вложиле повеќе од 170 милиони долари во кампањата, со цел да обезбедат Конгрес наклонет кон индустријата.

Но исходот е поинаков од очекуваниот: комисиите што во изминатите две години ги туркаа законите поволни за криптосекторот од јануари ќе преминат во рацете на неговите најостри критичари.

Две години со поддршка од Белата куќа

За време на вториот мандат на Доналд Трамп, криптоиндустријата ја врза својата стратегија и надежите за подобра иднина со извршната власт. Тоа донесе конкретни резултати: на 18 јули 2025 година, претседателот го потпиша Законот ГЕНИУС (GENIUS Act), првиот федерален закон во САД што ги регулира стабилните криптовалути, познати како стејблкоини.

Истовремено, криптобизнисите поврзани со претседателот и неговото семејство, меѓу кои и компанијата „Ворлд Либерти Фајненшл“ (World Liberty Financial), станаа една од главните точки на судир со демократите. Така, регулирањето на дигиталните средства сè повеќе се претвори во партиско прашање.

Како пропадна Законот КЛАРИТИ?

Границите на сојузништвото со тогашната администрација се покажаа на 15 септември, кога Сенатот не успеа да ја отвори расправата за Законот КЛАРИТИ (CLARITY Act). Станува збор за законска рамка што требаше да ја подели надлежноста за надзор над криптопазарот меѓу Комисијата за хартии од вредност (SEC) и Комисијата за тргување со стоковни фјучерси (CFTC).

Процедуралното гласање заврши со 49 гласа „за“ и 50 „против“, далеку од потребните 60 гласа. Против беа сите демократи, но и четворица републиканци: Сузан Колинс, Џош Хоули, Џери Моран и Том Тилис, кој го промени својот глас од процедурални причини за да ја задржи можноста за повторно гласање. Претставничкиот дом го усвои законот уште во 2025 година.

Интересно е што самата поделба на надлежностите меѓу СЕК и ЦФТЦ не била главниот проблем. Законот заглавил поради етичките одредби за криптоимотот на високите функционери, односно прашањето дали тие смеат да ги задржат деловните врски со криптокомпании. Во позадина останал нерешен и спорот околу приносите што ги нудат стејблкоините.

Мандатот на актуелниот состав на Конгресот истекува на 3 јануари 2027 година, кога законот формално ќе пропадне. Новиот Конгрес ќе мора да ја започне постапката од почеток.

Во меѓувреме, регулаторите почнаа да ја пополнуваат празнината. СЕК во август предложи нови правила за криптоимотот, а само два дена по неуспешното гласање во Сенатот дополнително ги прошири своите регулаторни правила за криптосекторот, повикувајќи се на постојните овластувања. ЦФТЦ, пак, на 17 септември го испрати својот предлог за правилата на криптопазарот во Белата куќа на разгледување.

Нови луѓе на масата

Најголемата промена се очекува во Сенатската комисија за банкарство. Според пишувањето на „Волстрит журнал“ и „Ројтерс“, од јануари нејзина претседателка треба да стане Елизабет Ворен, досегашна водечка претставничка на малцинството и една од најгласните критичарки на криптоиндустријата.

Како претседателка на комисијата, Ворен ќе добие овластување да издава судски повици, да ја одредува агендата и да покренува истраги. Според „Ројтерс“, една од првите теми може да биде банкарската лиценца што Канцеларијата на контролорот на валутата (OCC) ја одобрила за компанијата „Ворлд Либерти Фајненшл“, поврзана со семејството Трамп.

Во Претставничкиот дом, Комисијата за финансиски услуги најверојатно повторно ќе ја предводи Максин Вотерс, која ја извршуваше оваа функција од 2019 до 2023 година. Нејзиниот избор не е сосема извесен, бидејќи за позицијата се натпреварува и конгресменот Шон Кастен, но аналитичарите и понатаму ја сметаат Вотерс за фаворитка.

Во текот на кампањата, Вотерс повеќепати најави дека демократите, доколку освојат мнозинство, ќе ги истражуваат криптобизнисите на Трамп, кои таа ги опишува како коруптивни.

Посебен удар за криптоиндустријата беше изборната трка во Охајо. Шерод Браун, поранешен претседател на Сенатската комисија за банкарство и долгогодишен критичар на криптосекторот, се врати во Сенатот откако го победи републиканецот Џон Хјустед, и покрај тоа што индустријата вложи значителни средства против него.


За секторот што во изминатите две години сметаше на поддршката од една политичка структура во Вашингтон, ова значи враќање кон поинаква стратегија: градење сојузништва и барање поддршка во двете партии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс